СЕ СМЕНИ ТРЕНЕРОТ, РАБОТНИЧКИ НЕ ЗАИГРА ВО ПОСАКУВАН РИТАМ

Тасевски: Недостасува континуитет за да се биде при врвот!

Македонскиот претставник на годинашната меѓународната сцена, кој во првото квалификациско коло од Лига Европа одигра епизодна улога, скопски Работнички како да тргне со посакуваниот натпреварувачки ритам.

објавено: 14 ноември 2018 - 15:00

Тоа беше и причината пред речиси еден месец на тренерската клупа да биде направена рокада. Замина искусниот поранешен македонски селектор Ѓоре Јовановски под чија палка изминатата сезона тимот го фати последниот „воз" за Европа, а дојде (старо) новиот амбициозен стратег Жикица Тасевски, но „романтичарите" и понатму продолжуваат да играат променливо. Не заиграа во посакуваниот победнички ритам.

БОДОВИ СЕ ГУБАТ ОТИ СЕ ПРАВАТ ИНДИВИДУАЛНИ ГРЕШКИ

Работнички под палката на Тасевски одиграа пет првенствени и еден куп-натпревар и има скор од две победи и четири порази. Екипата од стартот на сезонава беше и лидер во првенствената трка, но сега е на делба на петтата позиција со само 17 собрани бода.

„Екипата ја презедов во натпреварувачки ритам, па затоа и не можат да се прават некои поголеми маневри. Тимот поседува квалитет, но во клучни моменти на натпреварите по индивидуални грешки прима голови и остануваме со празни раце. Работиме на подобрување на играта во сите линии и се надевам дека оваа пауза добро ќе ја искористиме да влеземе во финишот во победнички континуитет без кој не можеме да бидеме во чекор со екипите кои се борат за висок пласман. Мора да се има континуитет за да се биде при врвот. Немам простор за маневар, играме под притисок, бидејќи Работнички секогаш имаа амбиции да биде високо пласиран и да обезбедува настап на меѓународната сцена, но тоа мора да се издржи", вели Тасевски по едномесечното искуство во своето трето враќање на клупата кај Работнички.

ВО ЗИМСКАТА ПАУЗА СЕ НАЈАВУВАТ И ЗАСИЛУВАЊА

Работнички по завршувањето на првенствената паузата до крајот на есенскиот дел го очекуваат уште пет меча. Четири во првенството кои ќе ги одигра во временски период од десетина дена и на крајот ќе му биде реваншот од четвртфиналето во Купот со локалниот ривал Македонија ЃП кој има предност од 1-0 по првата средба.

„Мораме да собереме што повеќе бодови. Оваа пауза е добредојдена за да го одработиме она што го планираме и да ги опоравиме играчите кои ни се повредени. Токму овие мечеви ќе бидат и своевиден тест, бидејќи по есенскиот дел ќе следува подетална анализа на тимот како и на поединечните можности на играчите по што ќе се одлучиме на кои позиции ќе побараме алтернативни решенија со ангажирање на нови имиња. Засилувања ќе има, но колку и на кои позиции доправа ќе одлучуваме", додава Тасевски.

Најново во Фудбал