АНАЛИЗА ЗА НОВИОТ СИСТЕМ НА НАТПРЕВАРИ НА ФФМ

Терен тесен, фудбал бесен: Квантитетот не мора да донесе квалитет!

Околу 300 натпревари годишно повеќе ќе се играат во Македонија со променетиот систем што ќе треба да почне од сезоната 2017/18. ФФМ има добра желба за зголемување на бројот на екипи и играчи, но нема инфраструктура и фудбалски потенцијал (клубови, тренери, лекари, економи...) што ќе одговори на проширената фудбалска мапа, државата нема соодветен систем на здравствена заштита и не се знае ни каде клубовите ќе најдат пари за покривање на сите трошоци, а притоа да не ги заобиколуваат законските обврски.

објавено: 25 март 2016 - 12:21

Елитната Прва лига го менува натпреварувачкиот формат, според кој во првенството десетте екипи ќе играат четирикружно, односно 36 натпревари (четири повеќе од актуелниот систем). Ќе се зголеми бројот на средби и во Втората лига, која се трансформира од една лига со 10 во две лиги, Исток и Запад, исто така со по 10 тима, кои ќе играат трикружно (27 меча во сезона), а на досегашните пет трети лиги со по 12 тима, им се додава и шести регион. Шесте региони, поделени на источни и западни заради начинот на пополнување на Втората лига, ќе имаат најмалку осум, а најмногу 14 екипи.

Промена на барање на клубовите

Во ФФМ велат дека промената на системот е направена по испитување на мислењето на клубовите и оппштински сојузи низ целата земја. Прифатена е забелешката Втората лига да се подели на два региони, со што ќе се намалат патните трошоци и ќе се зголеми интересот на публиката поради почестите „соседски“ дерби-мечеви.

Една од целите на трансформацијата е изедначување на Истокот со Западот, бидејќи во моментов во Втората лига нема екипи од источниот дел, ако не го сметаме Кожув Миравци, а има дури четири скопски тима. Тоа е одраз и на различната економска развиеност на регионите, како и тенденцијата на спонзорите сѐ да се случува во главниот град. Децентрализацијата од Скопје и Тетово е една од мерките со кои треба да се разбудат фудбалските врутоци во внатрешноста, како што се Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Куманово, но оваа „географска позитивна дискриминација“ може да влијае на квалитетот на лигите, односно послаби екипи да бидат привилегирани да станат прволигаши, односно второлигаши.

Последната промена на системот на натпревари се случи на почетокот на сезоната 2014/15, кога Првата лига беше скратена за две екипи – од 12 на 10, Втората - од 16 на 10 екипи, кои играа трикружно, а во петте трети лиги се играше двокружен систем со по 12 екипи, вкупно 22 кола.

Новиот систем значи проширување на фудбалската мапа: на прволигашите им е зголемен бројот на натпревари од 32/33 на 36, второлигашите ќе играат повторно по 27 средби, но ќе има двојно повеќе зашто ќе има две втори лиги, а третолигашите ќе добијат еден регион повеќе, што теоретски би требало да значи и повеќе екипи во системот на натпревари. Токму претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, соопшти дека од есента 2017 година, на целата територија на Македонија годишно ќе се играат 300 фудбалски натпревари повеќе, што ќе бидат во рамките на календарите на ФФМ.

Фудбал за сите, фудбал за никаде

Очигледна е намерата на ФФМ, под девизата „фудбал за сите“, да им се даде шанса на бројните играчи што во последниве години произлегуваа(т) од фудбалските инкубатори (академии - клупски и на ФФМ, приватни школи и слично) преку натпревари да постигнат квалитет. Тоа, од една страна, може да биде чекор напред, но прашање е дали квантитетот по дефиниција носи квалитет. Тој, сепак, зависи од начинот на кој работи тренерскиот кадар, квалитетот на инфраструктурата на која се тренира и натпреварува, системот на селекција на играчите, фер-плејот во натпреварувачкиот систем (судии, делегати, комисии...) итн.

Ваквата стратегија на ФФМ произлегува од интенцијата на државата што поголем процент македонски граѓани да се занимаваат со спорт. Но, еднаш веќе констатиравме во анализата пред две години дека бројот на учесници во системот на натпреварување треба да е правопропорционален на големината на земјата, нејзината економска моќ, инфраструктурниот и фудбалскиот потенцијал (клубови, играчи, тренери, лекари, економи...).

Фудбалери истерани од своите терени

Сезонава ќе остане запаметена по тоа што само три прволигашки екипи знаеја однапред каде ќе ги играат натпреварите во кои се домаќини – Силекс, Шкупи и Турново. Ова поради реконструкцијата на стадионите во Тетово, Штип и Битола, чувањето на теренот на арената „Филип Втори“ и недобивањето лиценца од страна на Комисијата за прием на терени во ФФМ за другите стадиони на кои се домаќини преостанатите членови на елитата.

Во Македонија, прволигашки фудбал сезонава може да се игра и во Кочани, иако тешко може да поверуваме дека ова принудно решение за Брегалница од Штип за домашните средби навистина ги исполнува минималните критериуми, а камоли оние што се пропишани за прволигашки фудбал. Да беше само тој терен проблематичен, ќе беше лесно решлив, но сите што се со природна трева во зимски услови се ризични по здравјето на фудбалерите, а прашање е каква е дренажата и на новите со вештачка трева. Ако е ваква состојбата во Првата лига, можете да замислите на што личат нашите зелени полјанки каде што тешко се тркала топката во пониските рангови.

Поради новите натпревари што ќе бидат додадени во календарот од сезоната 2017/18, ќе мора за прволигашите да се бараат термини и во февруари, кога на нашите терени поради калта до колена е речиси невозможно да се игра. Иако некои стручњаци (екс-селекторот Ѓоре Јовановски) со години инсистираат на покуса зимска пауза заради континуитетот на формата на фудбалерот, нашите терени немаат квалитет за толку долга сезона и ќе се зголеми ризикот од повреди . Настрана што неповолните временски прилики можат да ги избркаат и онака малкуте гледачи од трибините. Се поместува наназад и почетокот на подготовките за пролетниот дел, а немаат сите екипи можности за подготовки во топлата Анталија, во Турција.

Комесарот за натпревари во ФФМ призна дека нема доволно пари и инфраструктура во моментов, иако новиот формат е веќе усвоен. Веројатно идејата е да се поттикнат градоначалниците да вложуваат во „заспаните“ фудбалски клубови во своите средини, но едно се желбите, а сосема друго можностите. Потврда за тоа е што речиси ниедна од четирите општини што влегоа во партнерски однос со ФФМ и УЕФА околу реконструкцијата на стадионите во Тетово, Штип, Битола и Прилеп не ги исполнуваат пропишаните временски рокови, определени со договорите. Тешко се полни и општинската каса во услови на криза, а сѐ помалку има и стопански гиганти кои би вложиле во фудбалот заради себепромоција. Штом Металург, кој имаше силен спонзор зад себе, дојде во ситуација нередовно да ги исплаќа играчите, како ли е тогаш во другите клубови?

Што се однесува до публиката, може постојано да се потенцираат примерите на полни трибини на некои средби во Третата лига, така било и во општинските некогаш кога станува збор за дерби или средби што решавале за врвот на табелата. Но, нема сите екипи да се борат за врвот или за опстанок. Тоа повлекува рамнодушност кај публиката, покрај старите болки што ги бркаат гледачите од трибините – нискиот стандард, лошиот квалитет на фудбалот, условите на стадионот за посетителите итн.

Одвај по еден спортски лекар во само шест града

Законот за спорт, во делот за здравствена контрола на спортистите, ги обврзува спортистите на правилна систематска и професионална организирана здравствена заштита (следење, проверување, проценка на здравјето и на функционалните способности). Проблем е што лекари-специјалисти, надвор од Скопје, има само во Тетово, Битола, Штип, Струмица, Прилеп и Куманово. Премалку за масата фудбалери што ќе бидат вклучени во системот на натпревари. Последица е никнување на „диви ординации“ кои ќе служат само за удирање печати во спортските легитимации, без вистинска проверка на здравјето на фудбалерите. На ваква појава укажаа токму од Заводот за спортска медицина, кои додаваат дека често нема лекари или амбулантно возило на терените зашто клубовите немаат пари да ги платат.

Можеби само бројот на тренери што излегоа од Едукативниот центар одговара на проширениот фудбалски формат, но ако клубовите работат и со младински школи, прашање е дали имаме толку квалитетни стручњаци, специјализирани за обука на спортисти од помладите возрасни категории.

Без пари нема силна Прва лига

Една од погрешните политики на ФФМ е обидот преку квантитет да се стигне до квалитет, што е малку застарена филозофија. Во стариот социјалистички систем владееше мислење дека што поширока е базата, толу повисока е пирамидата, на чиј врв е квалитетот. Фудбалската велесила Холандија, на пример, е шеста земја на светот според бројот на фудбалери по глава на жител, па ете не се пласира на „Евро 2016“. Од друга страна, како никогаш досега малите по население земји, како што се Исланд (330.000 жители), Северна Ирска (1,8 милиони), Албанија (2,7 милиони), Велс (3,1 милиони), не постигнале поголем успех - сите за пласираа за „Евро 2016“.

Со новиот систем нереално е да се очекува процут на Првата лига од аспект на пари, квалитет, производство на играчи, посета на трибините...Исклучоците (Вардар и Шкендија) не значат дека елитната лига преку ноќ ни станала силна и дека репрезентацијата во иднина ќе го црпи кадарот од домашното огниште. Со оглед на лошата состојба во стопанството, лично не верувам дека во блиска иднина е можен таков пресврт, затоа што дури и да создадеме квалитетни играчи со „офанзивата“ со младинските школи, досегашното искуство ни вели дека тие заминуваат по својата 18. година во странство, во потрага по подобра фудбалска иднина, повеќе пари и лична афирмација.

Стожерите на репрезентацијата во последниве две децении, како Пандев, Седлоски, Новески, Христов, па ако сакате и тие пред нив (златната генерација на Вардар, предводена од Панчев, тогаш ги засилуваше клубовите од големата ју-четворка), заминуваа најдоцна по истекот на првиот договор со матичниот македонски клуб, а некои и по стипендискиот. Оттаму, не само А-репрезентацијата, туку и тие „под 21“, 19 или 17, сѐ повеќе се потпираат на играчи од странство, некои дури и на играчи со македонско потекло што се родени и фудбалски се формирале на Западот.

Клубовите се основните клетки во фудбалот

Пред повеќе од две децении бројот на клубовите во Македонија беше повеќе од шестотини, но денес веројатно е преполовен. Лесно е да отвори приватна фудбалска школа и од тоа да се вади парче леб со членарината од децата-фудбалери, но да се води клуб кој ќе ги покрива трошоците на својот подмладок, е многу потешка работа.

ФФМ треба да сфати дека не смее да се однесува како клуб кој се фали со своите успеси. Неговото стабилно финансирање не е резултат на доброто менаџирање, туку на помошта на ФИФА и УЕФА, дури и програмите по кои се работи во младинскиот фудбал се дел од машинеријата за правење пари од Нион и Цирих, каде што се седиштата на европската и светската „куќа на фудбалот“.

Наместо да се експонира себеси, ФФМ треба со умно влечење потези да создаде амбиент клубовите, значи носителите на „дејноста“, да избијат во прв план. ФФМ мора да е „невидливиот“ посредник меѓу државата и локалната самоуправа од една страна, и основните фудбалски клетки - клубовите, од друга, потоа меѓу стопанството и клубовите, меѓу УЕФА и клубовите...Да создаде амбиент со барање до Владата за даночни олеснувања што ќе привлечат нови спонзори и свеж капитал во нашиот финансиски исцеден фудбал, да се бори за подобра здравствена и заштита на другите права на фудбалерите, за немешање на партиите во Федерацијата, за правилно инвестирање на буџетскиот спортски денар и рационално однесување со донациите, за борба со расизмот, криминалот, местенките и другите злоупотреби во фудбалот.

Сѐ што во моментов му недостига на ФФМ.

                                                                                   Милорад Стојмановски

Најново во Фудбал