Комплетен пресврт и феноменален Вардар во второто полувреме

Вардар како феникс, од пепел изникна и Шкендија ја победи

Вардар го има победничкиот рецепт за Шкендија и повторно славеше во првенствен меч на домашен терен и тоа денеска во меч од десеттото коло со комплетен пресврт. Со 4 погодоци во второто полувреме шампионот ги декласира тетовци со 4:2

објавено: 14 октомври 2017 - 16:26

Вардар го има победничкиот рецепт за Шкендија и повторно славеше во првенствен меч на домашен терен и тоа денеска во меч од десеттото коло со комплетен пресврт. Со 4 погодоци во второто полувреме шампионот ги декласира тетовци со 4:2.

Шкендија доминираше во првиот дел и сосема заслужено имаше предност од 1:0 со голот на Жуниор по мајсторската асистенција на Хасани во 26. минута. И како по пртесликано сценарио тетовци како да ги снема од теренот во второто полувреме, па играше само Вардар. Новото засилување Максим Максимов изнуди пенал во 55. минута, а Фелипе погоди за 1:1. Потоа имаше нов пенал за Шкендија, а Ибраими погоди за 1:2, но веднаш во следната акција во истата 64. минута Итало му асистираше на Блажевски, а овој израмни на 2:2. Клучниот момент се случи десетина минути подоцна кога Фелипе упати слаб удар од далечина, но голманот на гостите Захов кардинално погреши и прими наивен гол. Вардар поведе со 3:2, а потоа со уште еден гол на Итало во самиот финиш стави печат на победата. Скопјани потврдија дека не се откажуваат лесно од титулата, а Шкендија го претрпе првиот пораз по десет кола.

Резултати: Вардар - Шкендија 4:2, Пелистер - Победа 2:1, Академија Пандев - Шкупи 2:0, Ренова - Работникчки 3:1, Скопје - Силекс 1:1.

Табела: Шкендија 25, Вардар 19 (два меча помалку), Академија Пандев 17 (-1), Силекс 14, Пелистер и Шкупи по 12, Ренова 10, Победа 9, Работнички 7 (-1), Скопје 5

Најново во Фудбал