Со нив најтрофејниот наш клуб имаше исклучителни успеси

Вардар остана без самба - Фелипе, Вандаир, Брага... оставија траен печат кај шампионот

Со заминувањето на Хуан Фелипе, Вардар остана без бразилски шмек, а играчите од најтрофејната светска фудбалска нација оставија траен печат во историјата на најтрофејниот македонски клуб

објавено: 21 март 2018 - 16:45

Со заминувањето на Хуан Фелипе, Вардар остана без бразилски шмек, а играчите од најтрофејната светска фудбалска нација оставија траен печат во историјата на најтрофејниот македонски клуб.

Фелипе со своите мајстории, техника и со убиствените слободни удари, а пред се со неверијатните човечки особини ќе им остане во прекрасно сеќавање на вардаровите симпатизери.

И што е најважно се запиша во богатата историја на Вардар, како прв стрелец за „црвено-црните“ во фаза по групи во еврокуповите. Хуан беше стрелец на прекрасниот погодок со лоб против Розенборг, во Трондхајм, прв за првиот македонски претставник во Европа Лигата.

Најдобар стрелец на Вардар во сите натпреварувања под капата на УЕФА е сонародникот на Фелипе, Дос Сантош Вандаир со 13 погодоци. Тој беше дел од генерацијата, која за влакно во 2004 година не успеа да се пласира во Лигата на шампионите, по неверијатно возбудливиот двомеч со Спарта Прага. 

Третиот Бразилец што го има во клупската историја на 11-кратниот шампион е Агиналду Де Жезус Брага, десниот бек на „црвено-црните“ од пред деценија и половина. Со шест настапи за македонската репрезентација тој е фудбалерот со најмногу мечеви во нашата А селекција, што доаѓа од Јужна Америка и од земјата петкратен светски првак, Бразил.

Покрај ова трио Вардар имал уште неколку „кариоки“ што со своите игри ќе останат запаметени, а меѓу нив е и покојниот Рожерио Оливеира, кој исто така беше дел од генерацијата на „црвено-црните“ што играше во сезоната 2003/04, кога за еден гол Вардар не се најде во фазата по групи во ЛШ. 

Најново во Фудбал