Не му оди на шампионот со клубот од Чаир

Вардар се одби од бедемот на Шкупи, Шкендија лесно мина низа Кратово

Вардар не успеа да го мине бедемот на Шкупи на Чаир и одигра нерешено без голови, па може да го загуби првото место од забревтаната Шкендија

објавено: 16 октомври 2016 - 16:39

Вардар не успеа да го мине бедемот на Шкупи на Чаир и одигра нерешено без голови, па може да го загуби првото место од забревтаната Шкендија. Екипа која го победи Силекс во Кратово со 3:1 и ако го добие и заостанатиот меч со Шкупи ќе биде лидер на табелата.

Во останатите два меча попладнево Пелистер со 2:0 ја победи Победа во Пелагониското дерби, а Ренова со 1:0 ја совлада Брегалница.

Вардар беше немоќен на Чаир и одигра слабо, па на крајот не можеше да очекува ништо повеќе од реми без голови.

Гостите имаа неколку полушанси и удари од далечина, но можеа и да примат гол во првиот дел, кога Адем ја погоди стативата. Вардар потполно доминираше во поле, но јалово без сериозни шанси. Судијата Стојанов во последните моменти можеше да досуди и пенал за Вардар, но тоа не е оправдание за шампионот и за слабата игра.

Шкендија рано најави победа во Кратово, со голот на Жуниор во втората минута. Потоа на двапати прецизен беше репрезентативецот Бесарт Ибраими, а Недељковиќ само намали на 1:3.

Во Битола, Пелистер по вторпат со идентични 2:0 го доби Пелагониското дерби против Победа. Бујчевски и Гоијано со голови во второто полувреме донесоа сефте триумф за новиот тренер Шенсои.

Победничкиот гол за Ренова во Тетово против брегалница го постигна Нухии од пенал.

Резултати: Денеска: Шкупи - Вардар 0:0, Силекс - Шкендија 1:3, Пелистер - Победа 2:0, Ренова - Брегалница 1:0.

Вчера: Работнички - Македонија Ѓ.П. 2:1

Табела: Вардар 22 бода, Шкендија 20 (меч помалку), Работнички 16, Пелистер и ренова по 15, Шкупи (-1) и Силекс по 10, Победа 9, Брегалница 7, Македонија Ѓ.П. 6.

Најново во Фудбал