ПРВО, И ГОЛЕМО ЗАСИЛУВАЊЕ ЗА ШАМПИОНОТ

Висар Муслиу е нов играч на Вардар

22-годишниот стопер кој доаѓа од Ренова, денеска потпиша три годишен договор со шампионот. Тој е првото засилување за идната сезона.

објавено: 3 јуни 2017 - 12:07

Висар Муслиу е нов фудбалер на Вардар. 22-годишниот стопер кој доаѓа од Ренова, денеска потпиша три годишен договор со шампионот. Тој е првото засилување за идната сезона на нашиот клуб.

Муслиу е роден 13 ноември 1994 година во Гостивар. Во својата кариера настапуваше за младинската екипа на Гостивар, потоа замина во Ренова, а дел од кариерата мина и во швајцарскиот Сент Гален. Се врати во Ренова во 2015 година, и настапуваше се до завршувањето од оваа сезона, а од идната ќе го носи дресот на шампионот.

Новото засилување на „црвено-црните" истакна задоволство од соработката со најтрофејниот македонски клуб.

„Многу сум среќен што ќе бидам дел од Вардар. Дојдов тука да освојувам титули и да играм во Лигата на шампионите. Јас ќе дадам се од себе да се наметнам, да ја оправдам довербата на стручниот штаб и на раководството на клубот. Се надевам дека со добри игри ќе придонесам тимот да освојува уште шампионски и Куп пехари, и да бележи успеси во Европа", рече Муслиу.

Муслиу смета дека нема да му треба многу време за адаптација во нашиот тим, со оглед дека со поголемиот дел од играчите добро се познава, тренирал и играл заесно во младинските репрезентации.

„Познавам многумина играчи во Вардар, ми кажаа многу убави зборови за клубот, дека се работи на максимално професионално ниво и дека од година во година амбициите се сè поголеми. Се радувам на овој предизвик, и сега на мене е со напорна работа да се докажувам и да напредувам во овој клуб", изјави новиот фудбалер на Вардар.

Дефанзивецот ќе биде дел од младинската репрезентација на Македонија која ќе настапува на Европското првенство во Полска овој месец, со што Вардар доби уште еден репрезентативец од таа генерација во своите редови покрај Игор Алексовски, Дарко Велковски, Бесир Демири, Бобан Николов и можеби и Петар Петковски.

Најново во Фудбал