Се игра 15. коло во Првата лига

За Работнички Победа е таман за нов циклус победи

Работнички сака да почне нова серија победи, откако Шкендија им ја прекина низата од три успешни настапи. Победа од Прилеп денеска ќе им излезе на мегдан на популарните „романтичари“ во Скопје од 13 часот во меч од 15. коло

објавено: 16 ноември 2017 - 11:25

Работнички сака да почне нова серија победи, откако Шкендија им ја прекина низата од три успешни настапи. Победа од Прилеп денеска ќе им излезе на мегдан на популарните „романтичари" во Скопје од 13 часот во меч од 15. коло.

„Паузата во првенството ја искористивме максимално за да се воиграме подобро. Мислам дека сега функционираме беспрекорно како тим, а и јас лично се подобро се адаптирам на македонскиот фудбал. Лигата е квалитетна, секој противник е нов предизвик, и Победа секако ја респектираме. Но, размислуваме единствено за триумф и за освојување на трите бода", вели Чарлс Гофри.

Напаѓачот од Нигерија игра се подобро за клубот од Дебар маало, а од него се очекуваат голови за продор на Работнички кон горниот дел на табелата.

Во Скопје ќе се игра и локалното дерби меѓу Скопје и Шкупи, а мечот е закажан на теренот во Автокоманда исто од 13 часот.

Нова пресметка што ветува неизвесен исход ќе имаат Ренова и Вардар во Тетово, лидерот Шкендија му гостува на Силекс, а Пелистер е домаќин на хитот на првенството, на тимот на Академија Пандев.

Најново во Фудбал