ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА МЕЃУНАРОДНИОТ НАСТАП

ДРАГОНКИ ПРЕД ЛШ: Спремни и во добро светло да се претставиме во Осиек!

Од клубот си замина само Дијана Христовска, а клубот донесе квалитетни играчи на сите позиции каде што недостасуваше конкуренција.

објавено: 7 јули 2018 - 19:00

„После завршувањето на сезоната и прославување на титулата, бевме во исчекување на противниците за квалификациите. Клубот донесе пет засилувања од нашето првенство, кои ќе играат во квалификациите и ќе останат за настап во лигата".

Нови „драгонки" се Рабија Дервиши и Сара Коларовска кои дојдоа од редовите на Тиверија, Даниела Велеска од Атлетико, Цветанка Костадинова и Теодора Ѓоргиевска од екипата на Борец.

Екипата на Драгон има и две интернационалки кои доаѓаат од шампионот на Косово од екипата на Митровица, а тие се Блерта Качиу и Шкипе Бериша.

Подготовките се одвиваат на стадионот во Пржино и на планината Водно пред настапот во квалификациите за Лигата на шампионите.

„Со подготовки почнавме од 1. јули на нашиот стадион во Пржино. Работиме секој по два тренинга, во утринските часови од 8 на стадионот работиме вежби за сила, а попладне од 17:00 часот трчаме на стрим патеката до Средно Водно. Крајот на овој месец ќе одиграме пријателски натпревари, противниците ќе ги дознаеме за неколку дена. Сакаме спремни да отидеме во Осиек и да се претставиме во добро светло",изјавија од Женскиот Фудбалски Клуб Драгон за „Спортмедиа".

Да потсетиме, најдобриот македонски женски фудбалски клуб ќе игра во последната квалификациска група 10 против Авалднес од Норвешка, Спортинг (Португалија) и хрватскиот Осиек кој ќе биде домаќин на турнирот (7-13 август).

Првопласираните од секоја група и двете најдобро второпласирани ќе се пласираат во следната фаза.

Најново во Фудбал