ТЕТОВЧАНИ НЕ МИРУВААТ

Екс хрватски младински репрезентативец на проба во Шкендија

Матија Шпичиќ треба да биде замена за Иван Челиковиќ

објавено: 6 декември 2017 - 10:00

На фудбалски план заврши 2017 година за екипата на Шкендија. Тетовскиот тим ги одигра сите 18 меча од есенската полусезона и тоа како најдобар во Прва лига. Шкендија ќе презими како лидер со 46 поени, остварени во 15 победи, едно реми и два порази.

Иако сега следува повеќе од двомесечна пауза до продолжување на сезоната, во Шкендија не мируваат. Тетовчани се во потрага по нов лев бек. Едногодишниот договор на Иван Челиковиќ завршува на крајот од годинава, па затоа „црвено-црните“ бараат негова замена. 

Во Тетово е пристигнат некогашниот младински хрватски репрезентативец Матија Шпичиќ. Искусниот 29-годишен играч е дојден на проба во редовите на лидерот во македонското првенство. Шпичиќ во кариерата има играно за Загреб, Истра, Сибир Новосибирск, Интер Баку, Осиек, Динамо Тбилиси, а последен негов клуб е Висла Краков. Во последниве неколку месеци, поради повреда, нема играно никаде.

 

Најново во Фудбал