ИСТОРИСКА ШАНСА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ПРВАК

Фенер трепка од мака, Вардар има сила да го згасне

Вардар има уште само 90 минути до запис во историјата, а последниот чекор за прв пласман во Европа Лигата ќе треба да се направи вечерва од 19,30 часот во Истанбул против Фенербахче. „Ќе ја играме нашата игра и сакаме да дадеме гол. Ние сме Вардар и играме отворен фудбал“, порача офанзивецот Дејан Блажевски

објавено: 24 август 2017 - 16:37

Вардар има уште само 90 минути до запис во историјата, а последниот чекор за прв пласман во Европа Лигата ќе треба да се направи вечерва од 19,30 часот во Истанбул против Фенербахче. Предноста од првиот меч е голема, македонскиот првак има предност од 2:0, а ова е уникатна шанса за успех, бидејќи и ривалот има многу кадровски проблеми.

„Ние ќе ја играме нашата игра и сакаме да дадеме гол. Ние сме Вардар и играме отворен фудбал", порача офанзивецот Дејан Блажевски.

Предноста е голема, македонскиот првак допатува со 2:0 во Истанбул, но не смее да калкулира.

„Не очекува голема борба и мора да оставиме срце на терен и да ги исполниме сите задачи што ќе ги постави тренерот, за да ја задржиме предноста. Со таков пристап можеме да стасаме до историски пласман во фазата по групи во Европа Лигата“, вели Блажевски.

Поради остуство на капитенот Бобан Грнчаров, по исклучувањето во Скопје, тренерот Чедомир Јаневски ќе мора да бара чаре на стоперската позиција. Најблиску до местото стартер е Дарко Велковски, но конкурира и Висар Муслиу. Двајцата се дел од најуспешната генерација млади фудбалери на Македонија и играа на ЕП во Полска, па воопшто не би требало да биде проблем да го заменат Грнчаров.

Можно е во првата постава да се најде место и за Никола Глигоров, но драстични измени ќе нема во стартниот состав што го победи Фенер со 2:0 во Скопје. 

Турците имаат многу поголем рејтинг во европските натпреварувања од Вардар, но се чини и дека никогаш и немале поскромен состав и поголеми проблеми. Голманите Камени и Демирел се во очигледна криза, тренерот Ајкут Кочаман често ја менува одбраната, а моментно Фехнербахче има само еден голем мајстор на фудбалската игра. Францускиот ас Матје Валбуена мора да биде сопрен од вардаровите играчи, а тој покажа и во Скопје дека е одличен фудбалер. Од него почнуваа сите акции на турскиот гигант, патем има одличен удар, а е велемајстор и за слободни удари па на него треба посебно да се внимава.

„Вардар не изненади, но има уште 90 минути игра. Сигурен сум дека имаме квалитет да минеме понатаму“, вели Валбуена.

Големо име е и Робин Ван Перси, но тој има сериозни проблеми со повредите и не е комплетно фит. Факт е дека во моментов Фенер има многу проблеми и најслаб тим во последните десеттина година, нешто што Вардар мора да го искористи за прв пласман во фаза по групи во европските купови.

Можни состави:

Фенербахче: Камени, Којбаши, Нојштатер, Шкртел, Исла, Топал, Туфан, Дирар, Ван Перси, Валбуена, Дирар.

Вардар: Гачевски, Хамбарѕумјан, Новак, Велковски, Демири, Глигоров, Николов, Спировски, Барсегјан, Фелипе, Блажевски.  

Најново во Фудбал