ГОЛМАНОТ НА ВАРДАР ОЧЕКУВА РЕВАНШОТ ДА БИДЕ СРЕЌЕН

Гачевски: Време е да ја израдуваме македонската јавност

Тимската игра го донесе резултатот во Малме

објавено: 13 јули 2017 - 14:49

Вардар има позитивни 1:1 од гостувањето кај Малме во првиот квалификациски меч за Лигата на шампионите. Македонскиот првак одигра одлично, па дури имаше и водство, но на крајот прими гол за реми по првите 90 минути. 

„Успеавме да одолееме на нивниот притисок во првите минути, а потоа воспоставивме рамнотежа. На овој натпревар функциониравме како една целина, како еден тим, и дојдовме до овој добар резултат. Успеавме да постигнеме гол кој го посакувавме. Потоа примивме погодок од прекин, и на крајот издржавме пред притисокот на Малме во последните моменти. Мислам дека после победата над ЦСКА Москва во 2003 година, ова е најдобриот резултат на Вардар во еден прв натпревар од Лигата на шампионите. Сега останува реванш во Струмица на кој што нема да биде лесно, но подготвени сме да дадеме се од себе и повторно со една колективна игра да направиме резултат кој што ќе нè однесе во следното коло од Лигата на шампионите, и конечно да ја израдуваме целата македонска јавност", вели Гачевски на официјалниот сајт на Вардар. 

Покрај погодокот на Бобан Николов, „црвено-црните“ имаа уште неколку шанси кои не ги искористија. Напаѓачот Балотели жали што не ја затресе мрежата на противникот, но ветува уште подобра игра на реваншот во Струмица. 

„Остваривме добар резултат од овој натпревар, дојдовме до она што го посакувавме, а тоа е да дадеме гол на гостински терен. Жалам за пропуштените шанси во првиот дел, но дадов се од себе да се запишам во листата на стрелците. Во секој случај дојдовме до добар резултат кој што ни дава предност во реваншот. И на вториот натпревар во вторник ќе треба да дадеме се од себе, и да пружиме тимска игра со многу трчање, со многу борба. Да се обидеме да им дадеме гол и на реваншот кој што ќе нè доближи до следната фаза, нешто кое го посакуваме, и се надеваме дека ќе го оствариме", рече Балотели. 

Најново во Фудбал