ТРЕНЕРОТ НА РАБОТНИЧКИ ЗНАЕ ШТО ТРЕБА ДА Е ВО ФОКУСОТ

Ѓоре Јовановски: Пелистер е минато, сега Вардар ни е во мислите

„ Што се однесува до Вардар, не треба да трошиме зборови за големината на ривалот, иако можеби во моментот и не се во најдобра форма“, вели стратегот на „романтичарите“.

објавено: 23 април 2018 - 19:00

Играчите на Работнички немаат многу време за опуштање и покрај убедливата победа од 4:0 против Пелистер, во последното одиграно коло од Првата фудбалска лига. Според распоредот, веќе в среда Работнички го очекува градското дерби против грогираниот Вардар.

Тренерот на „романтичарите“ Ѓоре Јовановски е задоволен од играта против Пелистер, но знае дека мора да се фокусира на следниот натпревар против Вардар.

„Сакам да упатам честитки до фудбалерите на двете екипи за залагањето, затоа што навистина не е лесно да се игра натпревар на околу 35 степени Целзиусови во април. Задоволни сме од триумфот, мислам дека е потполно заслужен според прикажаната игра, но веќе сме фокусирани на следниот натпревар против Вардар. Ваков ритам е исцрпувачки, но мислам дека е многу добра работа и за фудбалерите, но и за нас тренерите во Македонија, бидејќи мораме да се вклопиме во европскиот стил на фудбалско функционирање. Што се однесува до Вардар, не треба да трошиме зборови за големината на ривалот, иако можеби во моментот и не се во најдобра форма. Но, на дуелите меѓу Вардар и Работнички тоа никогаш не било пресудно, туку желбата, мотивацијата и моменталната инспирација", вели шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски, за клупскиот сајт.

Градското дерби меѓу Вардар и Работнички ќе се одигра в среда, со почеток во 15 часот, на арената „Филип Втори". Главен судија на мечот ќе биде Димитар Мечкаровски (Скопје), а помошници се Дејан Неделкоски и Гоце Петрески. 

Најново во Фудбал