Успехот носи оптимизам

Глигоров: Убаво е да си вардарец, одиме на нови изненадувања

Никола Глигоров со гол ја круниса прекрасната авантура на Вардар на патот кон Европа Лигата, а вели дека ова за него е остварување на сонот, со својот клуб Вардар да игра во големо европско натпреварување. „Вардар го крена Скопје на нозе и убаво е да се живее со ваков успех. Морам да го пофалам и тренерот Чедомир Јаневски. Дојде само два дена пред двомечот со Фенербахче и успеа да направи магија за да го елиминираме турскиот гигант", вели стрелецот на победничкиот погодок во Истанбул

објавено: 26 август 2017 - 11:27

Никола Глигоров со гол ја круниса прекрасната авантура на Вардар на патот кон Европа Лигата, а вели дека ова за него е остварување на сонот, со својот клуб Вардар да игра во големо европско натпреварување.

„Вардар го крена Скопје на нозе и убаво е да се живее со ваков успех. Морам да го пофалам и тренерот Чедомир Јаневски. Дојде само два дена пред двомечот со Фенербахче и успеа да направи магија за да го елиминираме турскиот гигант. Ајде еднаш, некој ќе каже можеби е случајно, но ние под команда на Јаневски го победивме Фенербахче и во Истанбул, така да ништо не може да биде случајно", вели стрелецот на победничкиот погодок во Истанбул.

Сега Глигоров и соиграчите ги чекаат нови слатки искушенија, натпреварите во Л групата од Европа Лигата.

„Воопшто не се согласувам дека групата е неатрактивна. Зенит секоја година игра во Лигата на шампионите, или Европа Лигата. Имаат квалитетен ростер и големо тренерско име, Роберто Манчини. Розенборг го елиминира ланскиот финалист Ајакс и е доминантен во Норвешка со години, а Реал Сосиедад е петта-шестта екипа во Шпанија. На крајот на денот ќе видиме колку бодови ќе освоиме, но ветувам дека ќе се бориме до последен атом на силите", вели Никола.

Јаневски е на истата позиција, а Зенит, Розенборг и Реал Сосиедад стојат на патот на првото европско искушение на Вардар во фаза по групи.

„Ние повеќе сакаме атрактивни противници од калибарот на Милан, потоа и некоја балканска екипа, но и оваа група е квалитетна и мошне тешка. Долго се боревме за ваков успех и сакаме да продолжиме со добри игри, како во квалификациите. Сега сме насочени на дуелот со Зенит, прв за нас во групата. Да ја искористиме еуфоријата што владее и да се обидеме повторно да изненадиме. И претходно не ни даваа шанси, па ние се пласиравме во Европа Лигата. Ќе продолжиме посвтено и напорно да работиме за да имаме успех", изјави Јаневски

Најново во Фудбал