ДРАГАН ПОПОВСКИ СО ЈУБИЛЕЈ, 10 ГОДИНИ НА ЧЕЛО НА КЛУБОТ

Горд сум на овој Работнички

Во јули 2008 година, по заминувањето на Кометал од Работнички, на чело на нашиот втор најтрофеен клуб дојде Драган Поповски. Со него Работнички стана средина за која се говори во суперлативи

објавено: 8 јули 2018 - 10:30

Позната е приказната во нашите кулоарски фудбалски кругови која вели дека само Попе (Драган Поповски), знае со релативно скромен буџет да го одржува клубот во врвот на мак - фудбалот. И така е тоа постојано во овие изминати десет години.

Колку за потсетување Поповски на чело на Работнички дојде во јули 2008 година, значи прославува деновиве своевиден мал јубилеј - десет години на чело на клубот од Градски парк.
Ете убав повод „Спорт" да направи интервју со еден од најуспешните претседатели на некој наш клуб во самостојна Македонија.

РЕЧИСИ ПОЧНАВМЕ ОД ПОЧЕТОК

А се започна во тој јули 2008 година кога од Работнички си замина дотогашниот спонзор Кометал.

„Искрено како вчера да беше, мене овие десет години навистина брзо ми поминаа. Не се каам што тогаш влегов во Работнички како прв човек, јас и порано како некогашен фудбалер се чуствував како дел од овој клуб. Наследив клуб со име, шампион, но клуб со кого требаше да почнеме од почеток. Немавме ни играчи, инфраструктурата не беше за пофалба. И ете успеавме во тие наши цели. Екипата за брзо време ја оформивме, а по две години имавме модерен спортски комплекс во Градски парк со помошни игралишта, со терени со вештачка трева, изградивме модерни простории каде се сега канцелариите, потоа ресторан. Сега убаво е да се дојде во Работнички" вели Драган Поповски.

РАБОТНИЧКИ Е РЕСПЕКТАБИЛЕН КЛУБ

„Романтичарите" во овој минат период освоија една титула, во таа 2013/2014 сезона освоена беше двојната круна под водство на тренерот Игор Ангеловски, инаку актуелен селектор. И токму Поповски веруваше во Мрме, кој во тие моменти беше спортски директор на „романтичарите", и му даде шанса да дебитира како тренер, а потоа се е историја. Работнички освои и два купа и уште трипати играше во финалето на Купот на Македонија.
„Можам да кажам дека сега Работнички е респектабилен клуб. Сите го почитуваат, говорат во суперлативи, мене тоа најмногу ми значи. Тоа е мојата сатисфакција".

КЛУБОТ САМ ТРЕБА ДА СЕ ИЗДРЖУВА

Поповски во Работнички наметна една друга филозофија на работа.
„Јас сметам дека клубот треба сам, преку својата работа да се издржува. Некогаш големите пари, големите буџети не значат и автоматски успеси. Сите ние сакаме милионски буџети, што поскапи играчи, но ако не се работи плански тогаш знае таа работа силно да се тресне од земја. Има примери кај нас. Многу поубаво е вака, кога одиш чекор по чекор и кога знаеш дека тоа што си го заработил можеш да го потрошиш. А се заработува преку излез во Европа, преку трансфери на играчи, со домаќинско работење. На крајот покрај се мене горд ме прави и фактот кога ја гледам репрезентацијата, но и оние помладите селекции, голем број од тие играчи биле некогаш или се актуелни фудбалери на нашиот Работнички. Значи сме помогнале во издигнувањето и на мак - фудбалот" рече на крајот првиот човек на клубот од Градски парк Драган Поповски.

ИМАМ ОДЛИЧНИ СОРАБОТНИЦИ

„Морам да се пофалам дека имам мала но одбрана група на соработници. Пред се тоа се Ѓоко Стојановски на кого Работнички му е во срцето, па генералниот секретар Ненад Монев, Иван Поповски и Илија Поповски. Сите тие си ја знаат работата. Да не ги набројувам сега и останатите во клубот без кои едноставно не се може".

НАСКОРО ЌЕ ГИ ОБЈАВИМЕ НОВИТЕ ПАРТНЕРИ

„Во ова време добредојдени се сите нови спонзори, партнери. Деновиве ќе ги објавиме нашите нови партнери со кои треба клубот да го подигнеме на уште повисоко ниво".

СОНОТ МИ Е РАБОТНИЧКИ ДА ИМА СВОЈ СТАДИОН

„Во блиска иднина имаме намера да почнеме со изградба на еден нов спортски комплекс надвор од Градски парк. Нешто слично како оној на Пандев во Струмица. Во него ќе има и стадион од 5.000 гледачи. Не кријам дека тоа е мојот сон, Работнички да има свој стадион".

*Целото интервју можете да го прочитате во печатеното издание на „Спорт"

Најново во Фудбал