ОСВЕН ЕВРОПСКИОТ ПРВАК ВАРДАР, ЗАБОРАВЕН БЕШЕ И ФФМ

Град Скопје знаеше ли дека имаше Суперкуп на Европа на „Филип Втори“

Светските гиганти Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед играа во Скопје, а градот тие неколку дена беше центарот на фудбалскиот свет. Сепак и тоа не беше доволно Град Скопје да даде признание за овој светски настан 

објавено: 14 ноември 2017 - 15:55

Град Скопје синоќа ги додели 13-ноемвриските награди, но целосно се посрамоти кога станува збор за спортот. Луѓето кои одлучуваат за тоа кои се настаните, луѓето и екипите кои ја одбележаа годината, дефинитивно ги заборавија најважните спортски моменти за Скопје во 2017 година. 

Веќе неколку дена пишувавме за тоа дека актуелниот европски ракометен првак Вардар го немаше во ниту една категорија и не доби ниту една награда, ќе го потсетиме Град Скопје дека го заборави и најголемиот фудбалски настан кој некогаш се случил во главниот град беше годинава. 

Скопје беше домаќин на Суперкупот на Европа. Европските гиганти Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед играа на арената „Филип Втори“ и тоа благодарение на Фудбалската федерација на Македонија, која успеа да издејствува Скопје да биде домаќин.

Фудбалскиот свет на почетокот на август беше фокусиран на настанот кој на 8 август беше во Скопје. Наголемите фудбалски имиња беа во Скопје. Го разгледаа градот, направија промоција која што со пари не се купува. Кристијано Роналдо и другарите од една страна, а Пол Погба со „црвените ѓаволи“ од друга страна на теренот на арената „Филип Втори“.

Во Скопје дојдоа навивачи од Англија, Шпанија, но и од целиот регион, само за да го гледаат мечот на најдобрите екипи во Лигата на шампионите и Лигата на Европа. На фудбалски план тоа е еден од најважните мечеви на клупски план во целата година, а Скопје беше домаќин.

Сепак, Градот Скопје во изборот за најдобри во спортската област, воопшто не се сети да додели признание на Фудбалска федерација на Македонија, која е најзаслужна за таквата промоција на главниот град на Македонија.

ФФМ направи Скопје да се гордее што е домаќин на гигантите Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, но Градот треба да се срами што целосно го заборави овој голем светски фудбалски настан во Скопје.

Најново во Фудбал