ЧУДЕН Е ИНФЕРИОРНИОТ ОДНОС НА МИЛИОНСКИОТ ГРАД

Градот е нем....Каде сте скопјани, Вардар игра во Европа Лига?

Националната арена „Филип Втори“ вечерва нема да биде исполнета, а најавите се дека тешко ќе се достигне и бројката од 20 илјади продадени билети, што е нешто под две третини од капацитетот. За прво и историско учество на Вардар во фаза по групи во Европа Лигата ова е разочарувачки однос на скопјани и општо на сите навивачи на најтрофејниот македонски клуб

објавено: 14 септември 2017 - 17:15

Пишува: Зоран Поповски

Националната арена „Филип Втори" вечерва нема да биде исполнета, а најавите се дека тешко ќе се достигне и бројката од 20 илјади продадени билети, што е нешто под две третини од капацитетот. За прво и историско учество на Вардар во фаза по групи во Европа Лигата ова е разочарувачки однос на скопјани и општо на сите навивачи на најтрофејниот македонски клуб.

Според информациите на околу 4 часа до почетокот на мечот со Зенит продадени се околу 17 илјади билети, од вкупниот капацитет на Арената со над 30 илјади места. 

Вардаровата армија на навивачи во некои подобри времиња како од шега би го исполниле стадионот до последно место. Во времиња кога со нетрпение се очекуваа натпреварите на Вардар во Скопје. И за час се продаваа влезниците за да се присуствува на дуелите на републичкиот миленик против ривалите од Екс Југославија. Но, времињата на Мето, Шуле, Дојчин, потоа и генерацијата на Дарко, Илија, Тони... без намера да заборавиме некого, очигледно се далечно минато.

Тогаш со огромна енергија и страст се доаѓаше на стадион, без да прашате за цена на билетите и за името на противникот. Сега е модерната ера на социјалните мрежи, па Вардар се уште има огромна армија навивачи, грото од нив само на тастатура, но не и во пракса. Постарите љубители на фудбалот се сеќаваат дека имавме скромен стадион, со малку трева на теренот и со многу навивачи со бескрајна љубов за Вардар. Сега имаме модерен објект, стадион на кој се играше и Суперкупот на Европа меѓу гигантите Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, но за жал нема навивачи. 

Теориите за скапи билети, не пијат вода, бидејќи за меч од Европа Лигата против поранешен освојувач на УЕФА купот, каков што е Зенит, 600 денари, или 10 евра не е скапо.

Оваа генерација на Вардар конечно ја пее вистинската песна и за првпат во историјата на клубот и на мак-фудбалот игра во фаза по групи во европско натпреварување. Затоа вреди да се поздрават јунаците од калибарот на Грнчаров, Гачевски, Барсегјан, Николов, Хамбарѕумјан, Глигоров, Блажевски, Фелипе... и повторно без намера да заборавиме некого, комплетната вардарова експедиција, што ни приреди задоволство да гледаме врвни европски клупски мечеви.

За потсетување Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг не се шунд, за кој во Скопје и Македонија се плаќа и поскапо од 10 евра, кога гостуваат балканските таканаречени естрадни ѕвезди.

За алиби објаснувања има уште многу, но факт е дека Скопје, па и цела Македонија овојпат останаа неми и инфериорни на врвните достигнувања и партии на вардаровата генерација фудбалски јунаци, кои донесоа голема радост со историскиот пласман во фаза по групи во Европа Лигата. Нешто за што досега постоеше само копнеж, а сега стана реалност. Со противници од Русија, Шпанија и Норвешка. Сите со рејтинг и клупски и репрезентативен далеку пред нас. Затоа мизерно звучи податокот, дека Арената денеска, на историскиот ден за Вардар нема да биде полна. 

Или како што вели култниот „Мизар“, „Градот е нем, на моите прашања, градот е нем на моите повици....“

Најново во Фудбал