Гостите сакаат втора победа против Вардар

Хансен: Да ги завршиме натпреварите во Европа со стил

Голманот на Розенборг Андре Хансен вели дека целта на гостите, утре во Скопје е да го победат Вардар по вторпат во Л групата од Европа Лигата, односно со стил да ја завршат европската епизода

објавено: 6 декември 2017 - 18:42

Голманот на Розенборг Андре Хансен вели дека целта на гостите, утре во Скопје е да го победат Вардар по вторпат во Л групата од Европа Лигата, односно со стил да ја завршат европската епизода.

„Ја освоивме шампионската круна во Норвешка што е голем успех и сега сакаме со стил, победнички да ги завршиме и настапите во Европа Лигата. Последен меч е за нас и редно е да ја забележиме втората победа во Л групата“, вели голманот и капитен на Розенборг, Андре Хансен.

Тој принудно ќе го менува капитенот Мајк Јенсен, кој не допатува во Скопје од семејни причини и утре ќе го предводи Розенборг од 21,05 часот против Вардар. Од клупата стандардно со гостинскиот тим ќе диригира Каре Ингебритсен.

„Кај нас првенството заврши и сметам дека тоа ќе ни биде предност. Не сме надвор од ритам, напротив успеавме да се одмориме и со нова енергија ќе се обидеме победнички да ја завршиме европската епизода. Имаме време за одмор по мечот со Вардар, утре ни е најважно да победиме во Скопје“, вели Ингебритсен.

Розенборг не може ни горе, ни доле на табелата и го освои третото место, зад двоецот Зенит и Реал Сосиедад, кое оди понатаму и пред Вардар, екипа која секако ќе биде последнопласирана. Сепак има и спортски мотиви за двете екипи, утре на „Филип Втори“ арената во Скопје.

Најново во Фудбал