КИПАРСКИОТ ТИМ СО ПОЛНА УСТА ПОФАЛБИ

Арис восхитен од македонскиот голман: Нурединоски е нашиот ангел - чувар! (ВИДЕО)

Неполни четири месеци му беа потребни на Един Нурединоски да стане апсолутен миленик не само на навивачите на кипарскиот Арис Лимасол, туку и на своите соиграчи и раководството на клубот.

објавено: 20 декември 2015 - 14:57

Од неговото доаѓање, Арис целосно се препороди и од тим, зрел за испаѓање од елитата, стигна до средината на табелата со можност прогресот да продолжи и во следниот период. Нурединоски потпиша за Арис на 31 август, по само две одиграни кола од тамошниот шампионат и најмногу по негова заслуга на последните 11 натпревари тимот оствари шест победи (пет во првенството и една во Купот) и направи низа од пет триумфи, најдолга во историјата на клубот од Лимасол.

Неговите бравурозни интервенции беа причина навивачите на Арис јавно да му се заблагодарат и тоа преку официјалниот ФБ профил на клубот.

„Од денот кога дојде во нашиот тим, Един Нурединоски стана ангел чувар на Арис. Со својата импресивна појава брзо ги освои симпатиите на сите, а притоа по негова заслуга нашиот тим освои вредни бодови. Знаеме дека е најтешко да се најде квалитетен голман, но Един со својата самодоверба и изданија постојано докажува дека клубот погодил со него. Ти благодариме за тоа и продолжи да не правиш горди. Пријатели и обожаватели на Арис", пишува во соопштението од фановите.

Нурединоски е производ на фудбалската школа на Вардар каде и ја почна својата професионална кариера. Арис е втор кипарски клуб во кој настапува по Етникос Ахна чиј член беше во периодот од 2009 до 2012 година.

Најново во Фудбал