РЕВАНШ МЕЧЕВИ ОД 2.КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ВО ЛЕ

Аталанта со „осмица“ ги растури Велкоски и Сараево

Дебакл на „бордо" тимот и Крсте Велкоски. Иако од првиот меч во Италија имаа 2:2, вечерва на „Кошево" загубија со неверојатни 0:8. Во следната фаза одат Ивановски, Тричковски кој постигна два гола, Демири, солидна арбитража на Мечкаровски.

објавено: 2 август 2018 - 22:43

Каков дебакл за Сараево и неговиот капитен Крсте Велкоски? Вечерва дома, на своето „Кошево", „бордо" тимот загуби од Аталанта со неверојатни 0:8. Иако Сараево и Велкоски имаа 2:2 од првиот меч одигран во Италија, иако ја имаа сета поддршка и полните трибини, сепак Калчо лигашот просто ги распарчи. Ова е најтежок пораз во историјата на ФК Сараево.

Ова беше реванш меч од 2.квалификациско коло во Лигата на Европа. За разлика од Крсте Велкоски, во следната фаза од нашите интернационалци одат Мирко Ивановски (Хајдук), потоа Бесир Демири (Мариупол) кој по продолженијата го елиминира шведскиот Ѓургарден.

Тричко „стрела", АЕК Ларнака оди во следното коло
Иван Тричковски уште еднаш покажа зошто е клучниот фудбалер на кипарскиот тим. АЕК Ларнака дома со 4:0 го победи ирскиот Дандалк, два гола беа дело на нашиот репрезентативец. Да споменеме дека вечерва евро обврски имаше и судијата Димитар Мечкаровски кој заедно со своите соработници Неделкоски, Петрески и Јакимовски сосема солидно си ја одработи својата работа на средбата АЗ Алкмар – Каират. Во казахстанскиот состав, кој оди натаму во составот беше и екс – вардарецот Фелипе.

Ибраими и Хусмани елиминирани со гол во 88.минута

Трагична беше таа 88.минута за Домжале и нашите Агим Ибраими и Зени Хусмани. Имено тимот од Словенија на свој терен се до таа минута имаше водство од 1:0 и пласман во следната рунда. Но тогаш рускиот тим УФА со гол израмни на 1:1, и со оглед на тоа што резултатот од првиот меч беше 0:0 се пласира понатаму, а Ибраими и Хусмани ги остави да тагуваат за пропуштената шанса. Во тимот на Венстпилс на гостувањето кај славниот Бордо и овојпат стартер беше Меџит Незири.

Најново во Фудбал