ЗАПОЧНАА ВОЗБУДУВАЊАТА ОД ЧЕТВРТОТО КОЛО ВО ЛИГА ЕВРОПА

Елмас и Фенербахче триумфираа над Андерлехт! (ВИДЕО)

Денеска на „Шукру Сарачоглу" стадионот во Истанбул важни три бода освои турскиот клуб против Белгијците за одржување во трката за една од првите две позиции во групата Д. Фенербахче славеше пред своите гледачи со 2:0 против Андерлехт, избраниците на тренерот Куман ги постигнаа два гола во второто полувреме за период од три минути.

објавено: 8 ноември 2018 - 18:49

Најпрвин стрелаше Валбуена во 71-та, а потоа конечниот епилог го постави Фреј. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас го одигра целиот меч, а воедно имаше и шанса да се запише во листата на стрелците. При позитива од 2:0 воедно им беше олеснета задачата на домаќините, откако во 79. минута кај гостите поради втор жолт картон теренот предвреме мораше да го напушти Бакали.

На табелата Фенер останува на второто место со седум бодови, два помалку зад Динамо Загреб, трета е Трнава (три), а последен Андерлехт.

Рундата ќе биде комплетирана вечерва со вториот меч од колото помеѓу Динамо Загреб на Аријан Адеми и Трнава (21:00 ч.). Со евентуален триумф „модрите" би го завериле пласманот во нокаут-фазата.

Се одигра уште еден меч од терминот 16:50 часот, Астана како домаќин триумфираше над Јаблонец со 2:1 во рамките од групата К. Со оваа победа Астана е на врвот со осум бодови, пред Динамо Киев (пет), Рен (три) и Јаблонец (два).

-ГОЛОВИТЕ НА ФЕНЕРБАХЧЕ ПРОТИВ АНДЕРЛЕХТ-

-ШАНСАТА НА ЕЛИФ ЕЛМАС ПРОТИВ АНДЕРЛЕХТ-

Најново во Фудбал