СЛАВЈЕ ДО ДОЛГО ВО НОЌТА

Даниел Мојсов: Освоивме куп во „англиски" стил

„Имаше голови, прекини, картони и уште многу работи. Ваков меч немаше ни во англиското првенство. Трофејот се славеше до долго во ноќта“, ни ги искажа импресиите македонскиот интернационалец

објавено: 17 мај 2018 - 15:30

Даниел Мојсов и Иван Тричковски се освојувачи на новогодинешниот куп на Кипар. Тие со нивниот АЕК Ларнака во финалето беа подобри од тимот на Аполон со конечни 2:1 во ретко виден возбудлив и интересен меч.

„Хаос, лудница. Навистина сум пресреќен со освоениот куп. Верувајте ваков меч не се игра ни во англиско првенство. Толку интензитет, набој, желба не сум доживеал. Имавме негатива, се вративме и поведовме за две минути, имаше прекини, картони, гужви што ли уште не на овој меч, кој за наша среќа заврши со хепи-енд за нас. Не знам што друго да кажам. По овој хаос, што се вели следуваше нов хаос. Илјадници луѓе, навивачи на улиците на Ларнака, најпрво пред стадионот, па на градскиот плоштад па потоа во локалите. Верувајте, се славеше до утринава" – ни изјави Даниел Мојсов по освојувањето на националниот куп на Кипар, сеуште секако под големи импресии од она што се случуваше вчера.

За него ова е втор трофеј во кариерата откако уште на стартот на истата со тимот на Македонија ЃП, го освои домашното првенство.

Најново во Фудбал