Поранешниот младински репрезентативец со прв гол во Либан

Дарко Мицевски: Неџмех е гигант, чест ми е што го носам дресот во кој играл и легендарниот Пеле

Дарко Мицевски го постигна првиот гол за арапскиот и либански гигант Неџмех, а неговата екипа, откако тој и Јасмин Мециновиќ пристигнаа во Бејрут реди само победи

објавено: 19 февруари 2018 - 12:44

Дарко Мицевски го постигна првиот гол за арапскиот и либански гигант Неџмех, а неговата екипа, откако тој и Јасмин Мециновиќ пристигнаа во Бејрут реди само победи.

Неџмех има 7 победи на 7 натпревари со нашиот тандем во составот и двајцата се стандардни во првата постава, а целта е двојна круна. Неџмех е најпопуларниот клуб во Бејрут, иако статусот најтрофеен го има Ал Ансар со 13 титули. Неџмех со помош на Мицевски и Мециновиќ атакува на деветтата титула.

„Среќен сум во Бејрут, иако искрено се двоумев дали да ја прифатам понудата на раководството на Неџмех. Ја знаев историјата на градот, постоеше резерва поради состојбата, поради граѓанската војна од порано, но сега сум максимално задоволен. Воопшто не погрешив што потпишав за Неџмех. Напротив среќен сум што го носам дресот на клуб за кој еден меч има одиграно и легендарниот бразилски ас Пеле“, вели Мицевски за „Спортмедиа“.

Приказната за Пеле е интересна, а еден од најголемите играчи на сите времиња одигра ревијален натпревар за Неџмех, за да помогне на некој начин да се сопре граѓанската војна во Либан во 70-те и 80-те години од минатиот век. Од иста причина и Бебето има настап за Неџмех.

„Бејрут е повторно изграден и модерен град, а луѓето овде се луди за фудбал. Неџмех има френетични навивачи и кај нас малку се знае за фудбалските состојби во Либан. Не препознаваат на секој чекор, веднаш ни бараат автограм, и едноставно се луди за фудбал. Ал Ансар е најтрофеен клуб, но најпопуларен и со најголема база на навивачи е Неџмех. Не знаат многу за Македонија, но сега со мене и со Јасмин малку се менува сликата. Исклучително не почитуваат и се надевам дека ќе им возвратиме за убавите моменти со двојна круна“, вели нашиот портанешен младински репрезентативец.

Вчера Дарко го постигна и голот првенец за својот нов клуб, во победата од 4:0 против Ал Ислах и му овозможи на својот тим да ја продолжи мртвата трка за титулата со Ал Ахед. Неџмех има 40 бода, еден помалку од лидерот Ал Ахед.

„Имаме одлична екипа и имаме супер серија од 9 победи, 7 од нив откако јас и Мециновиќ пристигнавме во клубот. Се пласиравме и во полуфиналето на либанскиот куп и верувам дека сигурно ќе освоиме една титула. Јас верувам дека и двете круни ќе пристигнат во богатата колекција со трофеи на Неџмех“, со оптимизам вели 25-годишниот скопјанец на фудбалска печалба во Либан.

جمهور النجمة يحتفل مع اللاعبين بعد الفوز على الشباب العربي 4-1 from Rani Haj Ibrahim on Vimeo.

Зоран Поповски

Најново во Фудбал