Роденденско дерби за нашиот репрезентативец

Елмас влезе, Фенер успеа да извлече реми

објавено: 24 септември 2018 - 22:20

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас родендески доби шанса да одигра 35 минути на големото градско дерби во турскиот шампионат меѓу Фенербахче и Бешикташ. Влезе во игра во 55. минута во моменти кога неговиот тим беше во негатива од 1:0, па Фенер успеа да се врати со погодок во последните 20 минути од средбата и да се избори за реми.

Иако беше најавен како стартер, Елмас остана на клупата, но Коку не чекаше многу на стартот на вториот дел да му даде шанса, особено откако Фенер прими гол во 40. минута од Рајан Бабел и гостите беа во водство од 1:0.

 15 минути откако Елмас се најде на теренот во Истанбул, домашните организираа одличен напад, па по центаршутот на Калдрим, Ају успеа да ја погоди гостинската мрежа и да донесе реми.

 Елмас учествуваше во уште неколку акции за домашните, но не успеа да асистира можеби и за победнички погодок. За Фенер ова беше прво реми сезонава, откако досега има три порази и две победи во 6 одиграни кола и се наоѓа на 13. место на табелата.

Најново во Фудбал