Бразилецот го пофали македонскиот шампион во својата земја

Фелипе за бразилските медиуми: Пишуваме фудбалска историја со Вардар

Хуан Фелипе Алвеш Рибеиро со многу комплименти и радост, на убав начин во бразилските медиуми го претстави Вардар и личните и клупските очекувања од историскиот настап во Европа Лигата. За „globoesporte.globo.com“ мозокот на вардаровата игра вели дека му требало неколку дена да сфати каков успех направиле тој и соиграчите со пласманот во фазата по групи во ЛЕ

објавено: 12 септември 2017 - 08:30

Хуан Фелипе Алвеш Рибеиро со многу комплименти и радост на убав начин во бразилските медиуми го претстави Вардар и неговите и клупските очекувања од историскиот настап во Европа Лигата.

За „globoesporte.globo.com" мозокот на вардаровата игра вели дека му требало неколку дена да сфати каков успех направиле тој и соиграчите со пласманот во фазата по групи во ЛЕ.

„Не можам да ви го опишам чувството да си дел од нечија фудбалска историја. А, јас сум и дел од вардаровата, но и македонската, затоа што сме прва генерација играчи кои успеале да се пробијат до фаза по групи во некое европско натпреварување. Неколку дена бев како во транс и не верував што се случува. Супер е и пресреќен сум“, вели Фелипе.

Вардар повторно си има бразилски фудбалски волшебник во Фелипе. Како што претходно, тоа беа и најдобриот клупски стрелец во Европа, Дош Сантош Вандаир, потоа и Брага, Оливеира и уште неколку „кариоки“ кои оставија впечатлива трага во „црвено-црниот“ дрес.

„Многу брзо се привикнав во Вардар, а тука, во Скопје и Македонија сум веќе три години. Имав понуди да заминам, да се преселам во клуб од Русија, но и во некои други земји, а сепак одлучив да останам. Како благодарност за се што ми овозможи клубот и сите луѓе во него, секако и соиграчите. Ме прифатија како свој и среќен сум што на некој начин помогнав да се испише историјата. Сите сакаат да играат на европската сцена, а верувам дека ќе покажеме и таму дека вредиме“, додава бразилскиот ас.

На неполни 15 години го напушти гигантот Сантош, а пред да пристигне во редовите на Вардар, Хуан играше за Сао Висенте, Жабакуара, Санто Андре, РБ Бразил сите клубови од неговата земја. Има настапи и за Ориенте Петролеро во Боливија, па повторно во Бразил, во клубот Сао Карлос и потоа во ЦСКА Софија од каде во 2015 година пристигна во Вардар.  

Најново во Фудбал