Не им оди најдобро

Леванте заборави да победува, тренерот Муњиз е пред отказ

Енис Барди остана на клупата и не доби шанса да игра против Вилјареал, а Леванте претрпе нов пораз, па сега сериозно се ниша позицијата на тренерот Хуан Рамон Лопез Муњиз

објавено: 21 јануари 2018 - 08:01

Енис Барди остана на клупата и не доби шанса да игра против Вилјареал, а Леванте претрпе нов пораз, па сега сериозно се ниша позицијата на тренерот Хуан Рамон Лопез Муњиз.

Иако одлично тргнаа во новата авантура во шпанската Ла Лига, фудбалерите на Леванте нанижаа дури 8 натпревари без да победат, а кога не се освојуваат бодови прв на удар е тренерот.

Муњиз нема рецепт како да го врати тимот на победничкиот колосек, а Леванте нема првенствена победа од 19. ноември лани. Тогаш на гостински терен го надиграа Лас Палмас, а се потоа е лошо. Од тој меч имаат 5 порази и три нерешени, патем испаднаа и од шпанскиот куп, иако донесоа предност од Барселона. Еспањол во реваншот ги изненади и ги елиминира, па сега состојбата во Валенсија во таборот на Леванте е алармантна. Муњиз има шанса да продолжи на кормилото, ако ја победи Ла Коруња на гости следниот викенд.

Тој меч е клучен дали Барди и соиграчите ќе имаат нов тренер, бидејќи потоа следи пеколен распоред за Леванте и блок на мечеви со Реал Мадрид дома и со Валенсија и Реал Сосиедад на гостински терен.

Најново во Фудбал