КОГА НЕСТОРОВСКИ И ТРАЈКОВСКИ СЕ НА ТЕРЕН, ИГРАТА Е ОДЛИЧНА

Македонското дуо е формулата за успех на Палермо

И италијанските весници констатираат дека Илија и Александар одлично се снаоѓаат кога се заедно на теренот, а тоа го покажуваат и резултатите на двата последни меча

објавено: 6 февруари 2017 - 09:00

Илија Несторовски очекувано е прогласен за најдобар играч на мечот Палермо - Кротоне, кој го добија домаќините и тоа минимално, токму со погодокот на македонскиот репрезентативец. Тоа беше прва победа на Палермо на домашен терен сезонава. Тимот од Сицилија сега е на 18 место, со 14 бода и уште е во зоната за испаѓање. Емполи кој е на 17 место, е со осум бода повеќе. 

Во Палермо веруваат дека може да се борат за опстанок. На последните два меча тимот освои четири бода, откако одигра 1:1 на гости кај фаворизираниот Наполи, а сега со 1:0 го победија Кротоне. На овие два меча, во стартниот состав на Палермо имаше двајца Македонци.

Покрај Несторовски, во нападот е и Александар Трајковски. Токму тие се добитната комбинација на Палермо.со двајцата на теренот од првата минута тимот има четири од максимални шест бода.

Освен средбите против Наполи и Кротоне, се памти и мечот од пред два месеци, во Џенова. Тогаш Палермо губеше со 3:1, но Палермо не се предаде и стигна до 3:3. Во вториот дел влезе Трајковски и го даде голот за победа од 4:3, додека Несторовски на тој меч асистираше на еден погодок. 

Едноставно, кога двајцата Македонци се на теренот во дресот на Палермо, тимот од Сицилија има добри резултати.  

За последниот дуел против Кротоне, Несторовски доби највисока оченка од сите на теренот. Доби 7,5 оценка, а во коментарот стоиеше „уште една одлична игра на Македонецот, кој го даде победничкиот гол и заслужи да биде играч на мечот. Посебно плени со неговиот карактер“.

Трајковски доби 6,5 оценка со коментар „Одлично си ја врши работата на теренот. Помага во одбраната, а прави простор и во поле, за да му овозможи на Несторовски да има повеќе место за игра“. 

Следниот меч Палермо го игра на свој терен против Аталанта, кога Несторовски и Трајковски ќе се обидат да донесат нова радост на стадионот „Ренцо Барбера“. 

Најново во Фудбал