ПОРАДИ ДВА ЖОЛТИ КАРТОНИ ИСКЛУЧЕН КАПИТЕНОТ НА ПАЛЕРМО

Наместо прв „хет-трик“, црвен картон за Несторовски

Илија даде и трет гол, но тој беше поништен поради оф-сајд, а потоа судијата му додели втор жолт картон и го исклучи најдобриот играч на теренот, во 85 минута

објавено: 25 септември 2017 - 22:26

Илија Несторовски дефинитивно е главната фигура на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо. Македонскиот репрезентативец даде два гола за домашниот тим, во дуелот против Про Верчели, а на пет минути пред крајот доби и црвен картон. 

Несторовски шоуто го започна во 26 минута, кога погоди за 1:1, по асистенција на Чочев. Во иста копродукција беше нападот на Палермо и во 50 минута, кога Илија по втор пат го совлада чуварот на мрежата на гостите за водство од 2:1. 

Нашиот напаѓач сакаше да стигне и до првиот „хет-трик“ откако е дојден во Италија. Имаше неколку шанси, но не погоди. Во 72 минута доби жолт картон поради еден фаул на средината од теренот, а во 85 минута беше исклучен. 

Несторовски и по трет пат ја затресе мрежата на гостите, но судијата го поништи погодокот поради оф-сајд позиција. Илија наместо да го прослави првиот „хет-трик“, доби втор жолт картон, што автоматски значеше и исклучување, кое за среќа не влијаеше на конечниот резултат, па Палермо се израдува на триумф, благодарени токму на головите на капитенот Несторовски. 

Најново во Фудбал