Де Лаурентис не се откажува од нашиот репрезентативец

Наполи игра страшен пресинг на половината на Палермо, Зампарини засега не го дава Несторовски

Џани ди Марцио, советникот на Маурицио Зампарини за италијанскиот „Канал 21“ го потврди интересот на Наполи за ангажман на Илија Несторовски и вели дека Аурелио де Лаурентис постојано притиска за да го купи македонскиот репрезентативец веќе во зимскиот преоден рок

објавено: 22 ноември 2016 - 09:00

Џани ди Марцио, советникот на Маурицио Зампарини, за италијанскиот „Канал 21" го потврди интересот на Наполи за ангажман на Илија Несторовски и вели дека Аурелио де Лаурентис постојано притиска за да го купи македонскиот репрезентативец, веќе во зимскиот преоден рок.

„Ќе ви откријам една тајна. Де Лаурентис се слушна со Зампарини и нема да се откаже од ангажманот на Несторовски. Знаат што сакаат. Илија е играч со неверојатно чувство за гол. Исто како што Де Лаурентис има добро чувство за одличен играч“, изјави Ди Марцио.

Сепак Зампарини е тој што се прашува, а според неговата изјава од пред десетина дена, треба да се случи чудо за Несторовски да ја смени средината оваа зима.

„Ако ме прашувате за Несторовски, јас би рекол дека останува најмалку до јуни во Палермо. Но, ако Де Лаурентис ги понуди Габијадини и Ел Кадури, можеби ќе почнеме да преговараме“, рече првиот човек на Палермо.

Токму од Габијадини, кој има играно за италијанската репрезентација, во Наполи не се задоволни. Првиот стрелец Аркадиуш Милик е повреден, па логично е што сакаат да го ангажираат Несторовски.

Илија игра извонредно во првата сезона во Серија А и досега има постигнато 7 гола, од вкупно десетте на Палермо.

Омар Ел Кадури е репрезентативец на Мароко, а според италијанските медиуми и да дојде до замена еден за два, Зампарини ќе бара и дополнителна сума на пари, за преселба на Несторовски во Неапол.

Најново во Фудбал