Немаат дилеми

Навивачите на Палермо имаат причини за радост - Се врати стариот Алекс

Навивачите на Палермо со нетрпение го очекуваа Александар Трајковски во својата препознатлива форма, а со нов, трет гол сезонава популарниот Алекс ги потсети на првата сезона во клубот од Сицилија кога играше одлично

 

објавено: 22 декември 2017 - 10:01

Навивачите на Палермо со нетрпение го очекуваа Александар Трајковски во својата препознатлива форма, а со нов, трет гол сезонава популарниот Алекс ги потсети на првата сезона во клубот од Сицилија кога играше одлично. Во сезоната 2015/16 Трајковски со неколку голови во финишот на  Калчото му донесе спас на Палермо, а беше трет стрелец во тимот, зад Џилардино и Васкез. Ланската сезона нашиот репрезентативец мачеше мака со повредите и малку играше, па Палермо испадна од Серија А.

По многуте критики, конечно македонскиот репрезентативец е фит и игра во својата стара форма, а тоа го препознаа и симпатизерите на Палермо.

„Конечно го имаме стариот Алекс. Дава голови и креира шанси, а е многу опасен во нападот: Беше убедливо најдобриот играч на Палермо против Чезена“, коментираат навивачите на лидерот во Серија Б.

И во клупската анкета го прогласија за најдобар играч на гостувањето против Чезена и тоа убедливо пред останатите фудбалери на Палермо. Со неговиот гол во деветтата минута Палермо поведе, но освои само бод со реми, 1:1. И тоа е доволно за да се остане на врвот со 36 бодови, два повеќе од Фросиноне, на едно коло до крајот на првиот дел од шампионатот.

Симпатизерите на Палермо со нетрпение го очекуваат враќањето на најдобриот стрелец Илија Несторовски, а со тандемот македонски репрезентативци во нападот, Палермо има големи шанси за експресно враќање во Серија А.

Најново во Фудбал