НЕ МОЖЕА ПРЕКУ ГОЛЕМИОТ СЛОВАН

Нема куп-трофеј за Костадинов и Ружомберок

Екипата на Ружомберок за која настапува младинскиот македонски репрезентативец Тихомир Костадинов не успеа да го кутне најтрофејниот словачки клуб Слован и да го освои трофејот од Купот.

објавено: 1 мај 2018 - 19:40

Предмалку на стадионот во Трнава големиот Слован од Братислава го освои трофејот од Купот на Словачка откако во финалето го победи Ружомберок со 3:1. Слован водеше со 2:0 до 58 минута со головите на Андраж Шпорар и Васил Божиков, а Ружомберок намали со погодокот на Андрезли, но само две минути подоцна големиот фаворит повторно го врати водството на два разлика со голот на Холман.

Натпреварот беше прекинат во 72 минута поради дивеење на навивачите на Слован. Судијата нареди да се расчисти тој сектор за да продолжи мечот. Откако органите на редот го направија тоа, фудбалерите излегоа на теренот да го продолжат натпреварот.

Во тие моменти Костадинов влезе во игра на местото на стрелецот на голот, но тој не иницираше чудо против бранителот на куп-трофејот. Тоа беше 27. настап на младинскиот македонски репрезентативец за Ружомберок сезонава вкупно (првенство, куп, квалификации за ЛЕ).

Ружомберок не успеа во второто финале во Купот да го освои вториот трофеј во Купот. Претходно тоа му успеа во сезоната 2005-06. Слован го освои 15 пехар во националниот Куп.

Најново во Фудбал