ПО ГОЛОТ ДАДЕН ВО ДУЕЛОТ СО КАЛЈАРИ

Несторовски е на 20. место на стрелци во „Топ 4“ лигите во Европа

Со 5 гола, колку што има Несторовски, засега се и големите ѕвезди на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо и Карим Бензема, додека капитенот на бразилската репрезентација Нејмар, како и ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Златан Ибрахимовиќ имаат само по четири погодоци

објавено: 1 ноември 2016 - 00:41

Дебитантска сезона како што само можеше да посака има Илија Несторовски во италијанската Серија А. Македонскиот репрезентативец летово потпиша за Палермо и доби шанса да игра во едно од најдобрите првенства во Европа. По само 11 одиграни меча, Несторовски не само што се избори за сигурно место меѓу стартерите, туку тоа е името за кое се зборува во Италија.

Илија досега стигна до пет погодоци во Серија А и со тоа е еден од најдобрите голгетери не само на „чизмата“, туку и воопшто во „Топ 4“ лигите во Европа. Малкумина се фудбалери кои имаат дадено повеќе голови од Несторовски во првенствата на Италија, Англија, Шпанија и Германија. 

Со голот на гостувањето кај Калјари, Македонецот стигна до бројката од пет гола во првите 11 меча во Калчото. Со тоа покажува дека е врвен стрелец, на кого доволно му е малку простор за да ја затресе противничката мрежа.

Несторовски во првите три меча во Италија немаше гол, но и немаше вистинска шанса да се докаже. Сефте погодокот го даде против Кротоне, а потоа погодуваше и во дуелите со Аталанта и Сампдорија. На средбите против Торино и Рома апстинираше, но сега следуваат уште два нови меча со погодок. Го матираше Удинезе, а сега и Калјари, но за жал неговите погодоци не беа доволни за радост на неговиот тим на крајот од средбата.

Само седуммина играчи во Серија А сезонава дале повеќе голови од прилепчанецот. Един Џеко со 10 гола е лидер на листата на стрелци, а Мауро Икарди и Чиро Имобиле имаат по 8 погодоци. Најскапиот играч во лигата, Гонзало Игуаин има 7 гола, а само еден погодок повеќе од Несторовски досега дадоа Карлос Бака, Андреа Белоти и Хозе Калјехон. Веднаш зад овие врвни имиња, следи Илија на листата на стрелци.

Ако се гледаат погодоците во „Топ 4“ лигите, Несторовски е меѓу најдобрите 20 стрелци во Европа. Ако во Серија А има седуммина подобри стрелци, тогаш во Шпанија само четворица играчи се подобри од Македонецот. Дуото на Барселона Лионел Меси и Луис Суарез имаат по 7 гола, а Јако Аспас од Селта Виго и голгетерот на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман се на бројката од 6 погодоци.

Со 5 гола како што е Несторовски засега се и големите ѕвезди на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо и Карим Бензема, додека капитенот на бразилската репрезентација Нејмар има само четири погодоци. 

Во германската Бундеслига сезонава, подобри стрелци од Македонецот се само Ентони Модесте од Келн кој е лидер со 11 гола. Пјер Емерик-Обамејанг и Роберт Левандовски имаат по 7, а Ведад Ибишевиќ е со шест погодоци. 

Најатрактивната англиска Премиерлига има само четворица подобри стрелци од Несторовски. Тоа се: Диего Коста со 8 гола, Серхио Агуеро има 7, а Ромелу Лукаку и Алексис Санчез по шест гола. Ѕвездите од капибарот на Еден Азар и Тео Волкот имаат по пет погодоци, додека Златан Ибрахимовиќ е застанат на бројката од четири.

Ако се соберат стрелците во Топ 4 лигите во Европа, ќе се види дека само 19 играчи од најсилните лиги на стариот континент имаат дадено повеќе голови од нашиот Несторовски. 

Т. Маневски

Најново во Фудбал