МАКЕДОНЕЦОТ СО ПОРАКА ПО ТРИУМФОТ НАД КРОТОНЕ

Несторовски: Голема победа остварена со големо срце и храброст! Напред Палермо

Напаѓачот го даде единствениот гол за триумф на Палермо, прв на домашен терен сезонава

објавено: 5 февруари 2017 - 20:37

Илија Несторовски тоа што го вети и го исполни. Македонскиот репрезентативец најави дека конечно е време навивачите на Палермо да се израдуваат на првата домашна победа сезонава во Серија А. Тоа и се случи денеска.

Палермо минимално со 1:0 го победи Кротоне, а стрелец на единствениот гол беше токму Несторовски. Македонскиот репрезентативец погоди во првото полувреме, за радост на трибините на стадионот „Ренцо Барбера“. Погодокот на Илија може да го видите ТУКА.

За Несторовски тоа беше вкупно девети погодок сезонава, а на крајот од мечот со Кротоне се покажа како доволен за победа. Палермо дури во 11 меч сезонава на свој терен стигна до првата радост. 

„Напред Палермо ! Голема победа остварена со големо срце и храброст“, напиша Несторовски на една од социјалните мрежи, по средбата со Кротоне. 

Несторовски беше заменет во 92 минута. Покрај Илија, во стартниот тим на Палермо беше и Александар Трајковски. Тој одигра до 75 минута, кога беше заменет. 

Со овие три бода, Палермо стигна до 14 бодови и скокна на 18 место во Серија А, поминувајќи го токму Кротоне кој остана на 13. Сепак, тимот од Сицилија уште е во зоната за испаѓање и има осум помалку од Емполи, кој со 22 бода е на 17 место на табелата. 

Најново во Фудбал