ЌЕ ИМАМЕ ЛИ ВТОР МАКЕДОНЕЦ СО ТИТУЛА СЕЗОНАВА?

Невозможна мисија „титула“ за Елмас и Фенербахче

објавено: 19 мај 2018 - 09:30

Елиф Елмас може викендов да стане само вториот Македонец кој што оваа сезона се радува на шампионски пехар. Засега тоа му успеа единствено на Аријан Адеми, кој што стана првиот, и засега единствен наш фудбалер кој што освоил титула во првенството во кое настапува. 

Меѓутоа мисијата на Елмас од Фенербахче е речиси невозможна. Тие играат на домашен терен со Коњаспор, и мора да победат, и од друга страна да чекаат пораз на Галатасарај со Гезтепе, и најмалку „реми“ на Башакшехир кој игра на домашен терен со Касимпаша. 

Во моментов Галатасарај бега три бода на Фенер и на Башакшехир кои имаат ист број на бодови. Во случај на исто бодови на Галата и на Фенер, Фенербахче е во предност. Во случај сите три тима да имаат ист број на поени (Галатасарај да загуби, а Фенербахче и Башакшехир да победат), тогаш Башакшехир ќе биде шампион. 

Сепак, покрај титулата, двата тима ќе се борат и за настап во Лигата на шампионите. Во случај на ист број поени, Галатасарај нема да игра во ЛШ, поради најслабиот меѓусебен скор. Така Галата може дури да остане и без ЛШ, за која се бори и четвртопласираниот тим на Бешикташ. 

Во секој случај не очекува неизвесно и лудо последно коло во турскиот шампионат во кој настапува уште и Адис Јаховиќ кој со Коњаспор гостува токму кај Елмас на „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул. 

Најново во Фудбал