МАКЕДОНСКИОТ ГОЛМАН СО ИНТЕРВЕНЦИЈА НА КОЛОТО

Препородениот Нурединоски го препороди Арис (ВИДЕО)

Македонскиот голман Един Нурединоски одлично се снајде во новата средина на Кипар. Тој пред извесен период потпиша за Арис, а сега е главен фудбалер на екипата во трите последователни победи, што е клупски рекорд за тимот во последните 25 години.

објавено: 3 ноември 2015 - 11:55

Тимот на Арис во последните три кола славеше над Паралимни (2-1), АЕЛ Лимасол (2-1) и Неа Саламарис (2-0), а нашиот голман беше меѓу диреците на сите три средби и со одличните одбрани ги „магепса“ противничките напаѓачи. Трите триумфа по ред во кипарскиот шампионат се рекорд за тимот на Арис и е најдобра победничка серија за тимот од 1990 година.

Токму во финишот на последниот меч, поранешниот македонски репрезентативец имаше неверојатна одбрана при водство од 1-0, интервенција која беше прогласена за најдобра во колото.

„Мора да продолжиме да работиме напорно, за доброто на тимот. Победивме на последните три средби и поставивме нов рекорд од три победи по ред, што е најдобро за тимот по 1990 година. Бев изненаден кога го слушнав тој факт, но задоволен сум што успеав да помогнам. Му се приклучив на тимот подоцна, ми требаше време да се адаптирам, а сега сѐ е во ред и атакуваме на нови победи“, вели Нурединоски за кипарските медиуми.

Тој додава дека е одлично прифатен од соиграчите, но и дека претседателот на клубот е задоволен од неговата сигурност на голманската позиција.

„Претседателот верува во мене и ми честита за одличните одбрани на последните средби. Имаме перфектен однос со соиграчите, си даваме меѓусебна поддршка било кога, без разлика дали е на тренинг или на натпревари. Секој меч нѐ мотивира сѐ повеќе и повеќе“, додава искусниот голман.

Наредниот меч во кипарското првенство за Един ќе биде специјален, затоа што тој се соочува со неговиот поранешен тим, Етникос Ахна каде што бранеше од 2009 до 2012 година и каде што сега член е уште еден македонски голман - Мартин Богатинов.

„Мечот против Етникос ќе биде како и секој друг. Знаеме што сакаме. Ќе дадеме сѐ од себе на терен за да дојдеме до зацртаната цел, а тоа е продолжување на победничката низа. Но, нема да се залетаме, затоа што го почитуваме секој противник“, заклучи 33-годишниот Нурединоски.

Тимот на Арис по девет одиграни кола се наоѓа на седмото место во кипарската Прва лига со три победи, една нерешена средба и пет порази. Мечот против Етникос се игра на 7 ноември од 17 часот.

Најново во Фудбал