МАКЕДОНЦИТЕ ВО УНГАРИЈА ПОД „СКЕНЕРОТ“ НА СПОРТМЕДИА

Унгарскиот претседател го бодреше Николов, битолските „деца“ без милост еден кон друг

Двата натпревари одлични. Николов победи, Спировски и Ристевски „ремизираа“, но драмата останува се до последната минута, до крајот на првенството

објавено: 12 мај 2018 - 22:00

Спортмедиа во Будимпешта

Стигнавме во Унгарија во раните утрински часови. Покрај Ф4 на женскиот европски ракомет, наша цел беше и следење на натпреварите на нашите репрезентативци во Видеотон и во Ференцварош. Николов и Спировски се „тепаат“ за шампионската титула. Одиграа пред неколку дена без голови, а ние му донесовме среќа на Николов кој што направи еден бод предност после денешниот ден. 

Патот води кон Панчо Арена. Нешто подалеку од Будимпешта, но немаме проблеми. Желбата да се гледа македонскиот репрезентативец не носи на стадионот. Мал е, меѓутоа до крај исполнет. На него и првиот човек на Унгарија, Виктор Орбан кој е голем фан на Видеотон. Му носи среќа на Николов. Македонецот погодува во мрежата на легендарниот Кираљи за водство, а потоа Орбан се радува на триумфот од 3:0. Николов е одличен, покажува дека е во извонредна форма по неговиот трансфер во Унгарија од Вардар за нешто малку пари. Но, и онака ќе си заминеше на лето како слободен фудбалер. Цената секојдневно само му расте. Зад него има успешни неколку сезони, и еве и во оваа повторно битка за титула.

Панчо Арена всушност е домашен терен на тимот на Пушкаш Академија, но Видеотон прави свој стадион кој ќе биде готов оваа година и каде што можеби идниот првак ќе ги игра своите домашни мечеви. Завршува натпреварот, се радуваме и ние на триумфот и на голот на Николов, а потоа одиме кон Будимпешта, престолнината на Унгарија. Во центарот на градот се наоѓа „Гроупама Арена“, домот на Ференцварош. Прекрасен стадион. Навистина се гледа дека Унгарците многу работеле на подобрување на инфраструктурата. Овој стадион е во категорија со четири ѕвездички на УЕФА. 

Спировски му е домаќин на Ристевски. Битолските „деца“ кои што се заедно од мали нозе. А, на теренот како да не се познаваат! Чудно! Едниот и другиот влегуваат без компромис во секој дуел, и се чуваа на прекини. Дружба си е дружба, ама служба си е служба. А, уште малку двајцата ќе слават. Ристевски ќе му биде „сведок“ на Спировски на неговата свадбена веселба на 7. јуни. Ете, и така ќе се поврзат, но кога е во прашање фудбалот и бодовите - тука нема милост. Да потсетиме дека тие се секогаш заедно и во репрезентативните собири, делат иста соба, навистина големи другари надвор од теренот. 

И така после голема борба во 90. минута е без голови. Се чини дека ќе остане само на борба, но фудбалот не би бил интересен ако не се случи нешто и во последните мигови. Лудило! Ференцварош дава гол и води со 1:0. Добро е, се радува Спировски, ќе има предност на табелата пред Николов. Но...! Кире Ристевски и неговите другари немаат намера да му „пуштат“ три бода на неговиот другар од спротивната страна. Вашаш постигнува гол и избегнува пораз. Ристевски, пак, се бори за нова прволигашка „виза“, односно за опстанок. Затоа овој меч беше интересен. 

Заврши 1:1, а Спировски е во тага. Сега тој треба да го брка Николов на табелата иако разликата не е голема и изнесува само еден бод. Неколку пати се сменија на позицијата број 1. И додека тие се „тепаат“ за шампионскиот пехар и пласманот во квалификациите во ЛШ, на Ристевски му останува да се надева дека и догодина ќе игра против својот другар и против својот колега од репрезентацијата. 

Задоволно го завршуваме денешниот ден. Одиме да одмориме малку после ова напорно попладне. Во меѓувреме додека патувавме од едниот до другиот стадион стигна и веста за поминувањето на Вардарки во финалето на Лигата на шампионките. Денот беше спортски исполнет со настани, во Будимпешта Македонц(к)ите се во „мода“. 

А, утре Вардарки веројатно ќе имаат на своја страна уште тројца нови навивачи, фудбалери. Македонците немаат обврски и доаѓаат да навиваат за „нашите“, против домаќинот. Ќе биде интересна битка, се надеваме на уште еден „хепи-енд“ и нова историја во ракометот во Македонија. 

Најново во Фудбал