ЧЕТВРТ ВЕК ОД НАЈГОЛЕМИОТ УСПЕХ НА ОВИЕ ПРОСТОРИ

Панчев за пеналот вреден европска круна: Помислив не дај Боже да згрешам... (ФОТО+ВИДЕО)

Две ипол децении изминуваат од историскиот успех на Црвена Звезда со двајца Македонци во составот – Дарко Панчев и Илија Најдоски. Белградските црвено-бели по пенал-рулетот успеаја да стигнат до европската титула и со тоа да го донесат најголемиот фудбалски успех на овие простори. „Златната копачка" Панчев, најдобриот македонски фудбалер за минатиот век, беше човекот кој реши сѐ.

објавено: 29 мај 2016 - 10:10

Беше 29 мај 1991 година. Поранешната држава веќе се распаѓаше, а крвавата војна чукаше на портите. „Златната генерација“ на Ц. Звезда, пак, ја имаше златната шанса да го направи тоа што фудбалски на овие простори сите го сонуваа. По два часа фудбал без голови со Олимпик Марсеј, пенал-рулетот решаваше сѐ. Последен во низата пеналџии беше Македонец, на него беше да го запечати историскиот триумф, откако погодија Роберт Просинечки, Драгиша Биниќ, Миодраг Белодедиќ и Синиша Михајловиќ, а Стеван Стојановиќ го одбрани првиот пенал на Мануел Аморос. Најдобриот стрелец Панчев, човекот кој ги решеташе мрежите и стигна до титулата најдобар стрелец во Европа имаше сѐ во нозете. Еден момент, една секунда, еден удар ги делеше него и соиграчите од врвот на Европа, од круна на кариерите, од слава...

„Кога одев накај голот, нормално дека имав и негативни мисли. Си мислев не дај боже да се погреши. Сепак одлучуваш нешто што го чекале 45 години генерации и генерации не само навивачи на Звезда, туку и на било кој од поранешна Југославија. Секако дека ми беше оптоварување. Но кога ја земав топката, некако по професионална навика, гледав само да реализирам подобро и - добро заврши“, се присеќа македонскиот ас.

Момент по шутот, откако го фати на крива нога голманот Паскал Олмета, топката ја затресе мрежата и Панчев стави печат на круната. Означи момент за радост, славје и гордост. Емоциите еруптираа, радоста беше несопирлива, Звезда на крилјата на Македонецот стана европски првак, а славната генерација ја потврди својата големина.

„Пеналот секако дека беше одлучувачки момент и секако дека ми беше дополнително оптоварување тоа. Но, за среќа, пак ќе кажам имаше еден систем во југословенската лига на натпреварување, каде што екипите играа на пенали, ако одиграат нерешено, за да има конечен победник. Тоа се правеше веќе три години во лигата и секако дека тоа ни овозможи да имаме некоја сигурност поголема, гледајќи од тој аспект кога беа пеналите во прашање“, потенцира Панчев.

И денеска, 25 години по освоената титула, Панчев повторно би го шутирал клучниот пенал.

„Секако дека би шутирал. Јас секогаш шутирав последен. И во првенството на Југославија секогаш последен го изведував пеналот. Тоа беше вообичаено, јас последен да го изведам пеналот. Не беше нешто посебно. Тие што шутираат пенали не се одредуваат пенал за пенал, туку пред почеток, а јас секогаш бев последен и така испадна да одлучувам на крајот“, додава „кобрата“.

Белградскиот гигант беше „Југославија во мало“, на теренот играа двајца Македонци (Панчев и Најдоски), еден Црногорец (Савиќевиќ), еден Хрват (Просинечки), еден Босанец (Шабанаџовиќ), Срби (Југовиќ, Михајловиќ, Стојановиќ, Биниќ...). Почнаа со вкупни 5-2 против Грасхоперс (1-1, 4-1), следеше триумф со 4-1 над Глазгов Ренџерс (3-0, 1-1) во осминафиналето, па 6-0 со Динамо Дрезден (двапати по 3-0 – едната службена) во четвртфиналето и вкупни 4-3 со Баерн Минхен (2-1, 2-2) во полуфиналето за да се стигне до завршната пресметка за пехарот.

„Ние цел меч го одигравме под голем притисок и можеби затоа не го одигравме тоа финале во наш стил, како што сме играле цело време пред тоа. Да не се лажеме, Звезда го освои трофејот без пораз, што не е мала работа. Пет победи и четири нерешени, дадовме преку 20 гола, а примивме осум. Значи доминантно го освоивме Купот на европските шампиони. Секако дека финалето направи да не одиграме на наш адекватен начин, затоа што преголемата тежина на трофејот едноставно не оневозможи за некоја подобра игра“, потенцира Панчев.

Европската круна и нешто подоцна светската титула во Интерконтиненталниот куп, кој беше освоен со преполовен тим од тој во Бари и во момент кога веќе воените дејствија ја тресеа бившата држава значеше и крај за генерацијата. Две ипол децении по историскиот успех, за Панчев, од денешен аспект – тој е уште поголем. Делува како невозможен, како сон. Звезда е вториот и последен источноевропски клуб што станал европски првак.

„Од денешен аспект гледано тоа е било просто невозможно да се оствари. Еве гледаме и ден денеска дека било која источноевропска екипа многу тешко би направила ваков успех. Дај боже некој да го повтори тој успех, би било убаво, меѓутоа реално тешко некој да го направи тој успех, затоа што тој успех е направен без страци, без многу голем финансиски буџет.. Затоа, од денешен аспект тоа е голем, голем успех. Да не се лажеме многу е полесно да освоите трофеј со Реал Мадрид, Барселона, Баерн итн, отколку со некоја екипа од Источна Европа. Тоа е огромна разлика. И со тоа на некој начин се зголемува успехот што го направивме“, вели Панчев.

Пред шест години, оваа генерација со Панчев и Најдоски на свечена церемонија беше прогласена комплетно за шеста „звездина звезда“ и со тоа двајцата Македонци влегоа во кругот на најголемите ѕвезди на белградскиот клуб.

Најново во Фудбал