Иако не покажа многу во Турција

Пандев: Галатасарај е гигант, ми е жал што не оставив подобар впечаток

Горан Пандев беше една сезона член на Галатасарај, не играше многу, но вели дека престојот во редовите на турскиот гигант нема да го заборави

објавено: 20 април 2017 - 12:05

Горан Пандев беше една сезона член на Галатасарај, не играше многу, но вели дека престојот во редовите на турскиот гигант нема да го заборави.

„Галатасарај е гигант, со неверојатни навивачи и епизодата што ја имав во овој клуб нема никогаш да ја заборавам. Ми е жал што не добив многу простор да играм, во тим што беше составен од врвни фудбалски ѕвезди. Не е точно дека ми должат пари, тоа се само шпекулации. Галатасарај ми е во одлични спомени и еден од клубовите што ми е при срцето“, вели Пандев за турските медиуми.

Капитенот на македонската репрезентација во 2014 година потпиша двегодишен договор, но остана само една сезона и во 2015 година се врати во Италија и потпиша за Џенова, чиј член е и сега. За Галата одигра само 4 натпревари во турскиот шампионат, а играше неколкупати и во рамки на турскиот куп.

„Имав понуда да останам уште една година, но сепак одлучив да се вратам во Италија. Дојдов во Галатасарај со цел да помогнам со моето искуство, но тогаш се случија непредвидени работи, па не можев комплетно да го презентирам мојот квалитет. И покрај се Галата како клуб, навивачите и пеколната атмосфера на Турк телеком арена се незаборавна епизода во мојата фудбалска кариера “, додава Пандев.

 

 

Најново во Фудбал