МАКЕДОНЕЦОТ Е ЕДИНСТВЕН ВО ИТАЛИЈА

Пандев рекордер во Серија A

Горан Пандев е еден од најдолговечните странци што играат во Серија А. Капитенот на македонската репрезентација и член на Џенова веќе 15 години настапува во италијанскиот шампионат и тоа го прави единствен.  

објавено: 13 мај 2017 - 13:25

Горан Пандев продолжува да пишува историја во Серија А. Капитенот на македонската репрезентација и член на Џенова е еден од најдолговечните странци што играат во ова натпреварување. Популарниот Гоче веќе 15 години настапува во италијанскиот шампионат и тоа го прави единствен.

Она што е добро познато е дека Пандев е единствениот странец кој има освоено четири Куп-титули во низа, вкупно ги има пет: една со Лацио, две со Наполи и две со Интер. Македонецот е само вториот странец во Серија А, кој успеал да даде гол во дресот на пет различни клуба. Пандев првиот гол во Серија А го даде како играч на Анкона во 2003 година. Потоа играше за Лацио, во чиј дрес успеа да даде дури 48 голови. Потоа замина во Интер, каде пет пати ја тресеше мрежата на противниците во Серија А.

Во 2011 година замина во Наполи и вкупно даде 19 погодоци, a oткако една година имаше „авантура" во Галатасарај, Пандев се врати во Серија А, во дресот на Џенова. Со голот против Лацио, му се приклучи на Ернан Креспо. Легендарниот Аргентинец беше прв странец кој во дресот на пет различни екипи дал гол во Серија А.

Струмичанецот во 2010 година со Интер ја освои тројната круна: Купот, шампионатот и Лига на шампиони.

Како што пишуваат италијанските медиуми, Пандев и натаму е во одлична форма во последните четири кола даде три гола, од кој еден против поранешниот тим Интер. Гоче со овој погодок и донесе голема победа на Џенова во борбата за опстанок. 

 

 

 

Најново во Фудбал