КАПИТЕНОТ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА СО ПОСТИГНУВАЊЕ ЗА ПОЧИТ

Горан Пандев застана рамо до рамо со Ернан Креспо

Горан е само вториот странец во Серија А, кој успеал да даде гол во дресот на пет различни клуба

објавено: 20 април 2017 - 13:17

Капитенот на македонската фудбласка репрезентација Горан Пандев една и пол деценија е дел од италијанската Серија А. за овој период, тој се радуваше на скудетото во дресот на Интер, а има и пет трофеи во Купот на Италија. По два пати се радуваше во дресот на Интер и Наполи, а еднаш беше најдобар во Купот со Лацио.

Сезонава Пандев го носи дресот на Џенова, а со голот кој го даде во неделата против Лацио израмни еден рекорд, кој е тешко достижен за многумина странци кои играле во Серија А. Популарниот Гоче е само втор странец кој успеал да даде гол во дресот на пет различни тима во првенството. Единствено претходно тоа му успеало на Ернан Креспо. 

Пандев првиот гол во Серија А го даде како играч на Анкона во 2003 година. Потоа играше за Лацио, во чиј дрес успеа да даде дури 48 голови. Потоа замина во Интер, каде пет пати ја тресеше мрежата на противниците во Серија А. 

Во 2011 година замина во Наполи и вкупно даде 19 погодоци во Серија А, за тимот од југот на земјата. Откако една година имаше „авантура“ во Галатасарај, Пандев се врати во Серија А, во дресот на Џенова. Со голот против Лацио, му се приклучи на Ернан Креспо. Легендарниот Аргентинец беше прв странец кој во дресот на пет различни екипи дал гол во Серија А. 

Креспо во Италија почна во дресот на Парма, кога даде 62 голови, а потоа погодуваше и за Лацио, Интер, Милан и Џенова.

Најново во Фудбал