МАКЕДОНЕЦОТ ЗА „СПОРТМЕДИА“ ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО ВТОРНИКОТ

Ристовски: Добро е фала, спасивме глава!

„Влегоа и почнаа да маваат по се што ќе стигнат“, рече македонскиот репрезентативец

објавено: 17 мај 2018 - 14:30

Во понеделникот навечер, Стефан Ристовски и неговите соиграчи од Спортинг Лисабон беа цел на напад од страна на своите фанови. Педесетина навивачи на тимот од Лисабон упаднаа среде тренинг и сакаше да се пресметаат со играчите и со раководството, и така, веројатно да го искажат незадоволството што Спортинг не излезе во Лигата на шампионите. Најлошо мина Бас Дост кој што доби повреда на главата.  

Го побаравме Ристовски. Кусо ни изјави дека беше драматично и дека имале многу среќа во оваа ситуација. 

„Добро е фала, спасивме жива глава! Беше драматично, беше навистина лошо. Ни влегоа маскирани во соблекувална и почнаа да маваат по се што ќе стигнат. Сите почнавме да бегаме, некои играчи минаа полошо, но за среќа без некои сериозни последици по никој. Освен по еден играч кој што има мала повреда. Вакво нешто до сега не сум доживеал.“, ни изјави Ристовски од Португалија. 

Поради овие немили сцени, сега играчите на Спортинг размислуваат дали да го играат финалето на Купот со Авеш во недела. Најавите се дека нема да го играат, и дека ќе го загубат на службена маса. Засега Ристовски не смее да зборува за тоа, се додека клубот не донесе конечна одлука. Во секој случај Македонецот доживеа многу непријатни мигови во вторникот навечер. 

 

Најново во Фудбал