Сака да го крене шампионскиот пехар во Хрватска

Ристовски: Риека ми е најдобриот потег во кариерата, останувам за да ја освоиме титулата

Стефан Ристовски е еден од најбараните играчи во Хрватска, има најави за трансфер во Италија, или Турција, но македонскиот репрезентативец вели дека сака да остане во Риека и во пролетниот дел од шампионатот, со цел да ја освои титулата

објавено: 15 јануари 2017 - 09:05

Стефан Ристовски е еден од најбараните играчи во Хрватска, има најави за трансфер во Италија, или Турција, но македонскиот репрезентативец вели дека сака да остане во Риека и во пролетниот дел од шампионатот, со цел да ја освои титулата. Риека игра феноменално и по првата етапа од ХНЛ е лидер со 52 бода и најмалку примени голови во лигата, само 8 на 20 натпревари. Најсериозниот конкурент Динамо Загреб има 46 бодови, но и апсолутно доминира во Хрватска со 11 титули по ред. Низа која Риека сака да ја прекине и има реални шанси за такво нешто.

Неприкосновен на десната страна кај лидерот е Ристовски, кој е прогласен за најдобар бек во Лигата и се најде во идеалниот тим на есенскиот дел од првенството.

„Реков и претходно. Не сум сончоглед и не ја оставам Риека додека не ја освоиме титулата. Останувам до крајот на сезоната и се надевам дека сите заедно ќе ја прославиме шампионската круна.На тој начин сакам да и се оддолжам на Риека. Доаѓањето овде ми е најдобар потег во кариерата, вели за „Нови Лист“ Ристовски.

За него се интересираше Сампдорија, но двата клуба не најдоа заеднички јазик, односно раководството на калчолигашот не сакаше да ја плати отштетата од 2,5 милиони евра. Има интерес и од лидерот во турското првенство Басакшехир, но според изјавата на македонскиот репрезентативец, евентуалното заминување од Риека ќе се случи налето.

Најново во Фудбал