Ништо од бизнисот

Сампдорија се ценка за Ристовски, Риека не сака да чуе за трансфер

Сампдорија и Риека не се договорија за трансфер на македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски и преговорите се прекинати без позитивен исход за најдобриот бек во хрватското првенство

објавено: 10 јануари 2017 - 09:25

Сампдорија и Риека не се договорија за трансфер на македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски и преговорите се прекинати без позитивен исход за најдобриот бек во хрватското првенство.

Проблем е отштетата од 2,5 милиони евра која е превисока за калчолигашот, а Риека не сака ниту да чуе за продажба на Ристовски за помалку пари. Напротив од Руевица стаса најава дека Ристовски не може да оди никаде за помала отштета од 3 милиони евра. 

По продажбата на стоперот Матеј Митровиќ во Бешикташ за сума од 4,2 милиони евра, Риека одлучи да не го продава Ристовски. Играч кој е посочен како една од главните алки во тимот кој има шампионски амбиции во хрватското првенство. И фудбалер кој се најде во идеалната постава во ХНЛ во есенскиот дел и е прогласен за најдобар десен бек во тамошниот шампионат.

Сампдорија сепак не се откажува од ангажман на нашиот репрезентативец, а особено за трансфер на Ристовски на „Луиџи Ферарис“, или популарниот „Мараси“ притиска тренерот Марко Џампаоло. Ристовски иако има само 24 години има одлично искуство во италијанските клубови, откако настапуваше за Парма, Кротоне, Фросиноне, Бари, Латина и Специја, а на „чизмата“ беше од 2010 до 2015 година, кога од Специја се пресели во Риека.

Најново во Фудбал