Лисабонските лавови остварија профит од 25 милиони евра

Случајот „Дојен“ го чини Спортинг колку трансферите на Ристовски и Матје

Спортинг Лисабон пријави профит од 24,7 милиони евра во првиот квартал од новата сезона, што се однесува на периодот од јули до септември годинава, а интересно е што еден од најголемите расходи е загубениот случај „Дојен“, кој ги чини популарните „лавови“ безмалку колку и трансферите на Стефан Ристовски и Жереми Матје

објавено: 14 декември 2017 - 09:00

Спортинг Лисабон пријави профит од 24,7 милиони евра во првиот квартал од новата сезона, што се однесува на периодот од јули до септември годинава, а интересно е што еден од најголемите расходи е загубениот случај „Дојен", кој ги чини популарните „лавови" безмалку колку и трансферите на Стефан Ристовски и Жереми Матје.

Еден од најголемите фудбалски расадници за таленти го загуби случајот пред Арбитражниот суд за спорт во Лозана, против менаџерската Агенција од САД, Дојен, со седиште и во Лондон и на Малта.

Спорен беше трансферот на Марко Рохо во Манчестер јунајтед, во кој посредувала и наведената Агенција. Спортинг го загуби случајот и мора да плати 6,1 милиони евра, или нешто помалку од 6,5 милиони евра колку што клубот од Лисабон плати за Ристовски и за Матје.

Нашиот репрезентативец летово пристигна во еден од најдобрите клубови во Португалија, за сума од 2,5 милиони евра, а Матје чинеше 4 милиони евра.

Сепак, Спортинг може да се пофали со ќар од речиси 25 милиони евра, а најголема е добивката од настапот во Лигата на шампионите и од продажбата на Адриен Силва во Лестер.

Најново во Фудбал