ИТАЛИЈАНЕЦОТ СИ ОДИ, МАКЕДОНЕЦОТ ЧЕКА ПОГОЛЕМА МИНУТАЖА

Спортинг во Ристовски гледа замена за Пичини

Италијанскиот десен бек Кристијано Пичини е на добар пат да го засили Наполи. Но, тимот од Лисабон нема да купува нов фудбалер, затоа што верува во македонскиот репрезентативец

објавено: 26 април 2018 - 17:00

Стефан Ристовски и во оваа сезона добива солидна минутажа во редовите на Спортинг. Во неговата прва сезона во португалскиот тим играше и во шампионатот, и во Лигата на шампиони, и во Лигата на Европа со својот тим. Меѓутоа Македонецот од идната сезона може да биде една од клучните алки на „зелено-белите“.

Имено, италијанскиот десен бек Кристијано Пичини може да си замине од Португалија. Тој веќе долго време е на „мета“ на Наполи, а „сините“ сега сериозно загризале за ангажман на Италијанецот, и сакаат да го видат во своите редови за идниот шампионат.

Меѓутоа од информациите кои доаѓаат од таборот на Спортинг, тие нема да бараат нов десен бек, затоа што во своите редови имаат замена. Тоа е Стефан Ристовски. Од тука се очекува македонскиот дефанзивец да има поголема минутажа од идната сезона. Одлична вест за стандарниот член на нашата репрезентација, се разбира доколку овој најавен трансфер биде реализиран.

Најново во Фудбал