МЕГА ТРАНСФЕР ВО НАЈАВА

Зампарини не може да одолее на понудите, Севилја го купува Несторовски

Маурицио Зампарини не може да се одбрани од понуди на европските клубови за македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, а шпанските медиуми најавуваат дека најдобриот стрелец на Палермо е на пат да ја засили Севилја

објавено: 9 декември 2016 - 09:00

Маурицио Зампарини не може да се одбрани од понуди на европските клубови за македонскиот репрезентативец Илија Несторовски, а шпанските медиуми најавуваат дека најдобриот стрелец на Палермо е на пат да ја засили Севилја.

Во игра е и Наполи, но Севилја е упорна и според информациите од Шпанија ќе се обиде да ја заврши работата со раководството на Палермо веќе во зимскиот преоден рок.

Зампарини направи одличен потег со ангажманот на Несторовски и летоска го купи за само 500 илјади евра од Интер Запрешиќ. Нашиот репрезентативец возврати со сензационален серијал од голови и одлични настапи во „розевиот“ дрес на клубот од Сицилија и веднаш го сврте вниманието на многу европски клубови.

Прв со конкретна понуда се пријави Наполи, а сега Севилја изби во прв план. И двете екипи ќе играат во нокаут фазата во Лигата на шампионите, што би била одлична можност за Несторовски да блесне на големата сцена. Скаути на Севилја го следеа настапот на македонскиот репрезентативец во Гранада, кога игравме против Шпанија.

Цената на Несторовски, сега е најмалку десеткратно поголема од 500 илјади евра, што Зампарини ги уплати на сметката на Интер Запрешиќ. Сепак и таа сума не е превисока и за Наполи и за Севилја, но Андалузијците се во предност.

Ако се остварат најавите од Шпанија, Несторовски би биел битка со Лусијано Вието и со Висам Бен Једер за место во стартната постава на петкратниот освојувач на пехарот во Европа Лигата на УЕФА.


Најново во Фудбал