Време е за сефте во зелено-белиот дрес

Жезус ја признава грешката со Ристовски, македонскиот ас ќе дебитира за Спортинг во Атина?

Жорге Жезус ја призна грешката што можеше скапо да го чини на дуелот со Феиренсе, па го вклучи македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски во експедицијата на Спортинг Лисабон што веќе пристигна во Атина за дуелот со Олимпијакос. И патем големи се шансите Ристовски да дебитира утре во меч од Лигата на шампионите

објавено: 11 септември 2017 - 09:00

Жорге Жезус ја призна грешката што можеше скапо да го чини на дуелот со Феиренсе, па го вклучи македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски во експедицијата на Спортинг Лисабон што веќе пристигна во Атина за дуелот со Олимпијакос. И патем големи се шансите Ристовски да дебитира утре во меч од Лигата на шампионите.

Досега стандардниот десен бек, Кристијано Пичини има повреда на бутниот мускул и беше заменет во раната фаза од дуелот со Феиренсе во петокот. Тренерот на популарните лавови од Лисабон Жорге Жезус немаше алтернатива без Ристовски во составот, па мораше во игра да го стави Алан Руиз, играч кој не е дефанзивец. За малку тоа ќе го чинеше скапо Спортинг, гостите од Лисабон примија два гола без класичен десен бек, но за нивна среќа победија со пенал во 96. минута.

„Ристовски беше преморен и затоа не го повикав за мечот со Феиренсе. Ќе биде со нас во експедицијата за Атина, за мечот со Олимпијакос“, изјави Жезус.

Пичини е исто така вклучен во поширокиот состав, но прашање е дали ќе може да игра утре на „Георгиос Караискакис“ стадионот во Атина. Според најавите од португалските медиуми поголеми шанси за настап и тоа прв за Спортинг има Стефан Ристовски.

Нашиот репрезентативец ова лето од Риека се пресели во Лисабон во редовите на Спортинг, но се уште не дебитирал за гигантот од Португалија.

Најново во Фудбал