Фудбалска ретроспектива на 2016 година

Исчезна 25-годишната болка, Македонија ќе игра на ЕП во Полска

Конечно и фудбалот по 25 години самостојна држава ни измами насмевки, радост и пласман на една генерација на големо натпреварување

објавено: 31 декември 2016 - 12:12

Зоран Поповски

Конечно и фудбалот по 25 години самостојна држава ни измами насмевки, радост и пласман на една генерација на големо натпреварување.

По четврт век талкање во долниот европски дом, 2016 година ќе ја паметиме како историска за нас. Исчезна 25-годишната фудбалска болка и Македонија ќе игра на ЕП и тоа во Полска. Младата репрезентација триумфално ги заврши квалификациите во третата група и како првопласирана се избори за настап на завршниот турнир за титулата, во јуни следната година.

Во страшна конкуренција на скапата Франција, фаворизираните Исланд, Украина, Шкотска и Северна Ирска, минавме први низ целта со 21 бод. Таман и симболично, за генерација фудбалери до 21 година. Избраниците на Благоја Милевски, со историскиот успех, во годината што ги брои последните часови, ги покрија сите слабости на мак-фудбалот. На неуспесите на А селекцијата, на предолгиот пост на македонските екипи во обидот за прв настап во Лигата на шампионите, или во Европа Лигата на УЕФА.


Долго чекавме генерација која ќе биде победничка, која ќе игра фудбал на врвно ниво во континуитет, што ќе има страшен тимски дух и ќе се спротивстави на секого без страв и претеран респект. Токму такви беа нашите нови спортски херои, репрезентативците до 21 година. Од еден до последен. Чудото, скромно го најавија минатата година, во стартните 4 натпревари. И го комплетираа во 2016 година, со 6 меча без пораз и сензационално прво место во третата група.

Националната арена во Скопје експлодираше од емоции и од неизмерна радост во финалниот меч на 11. октомври. Празнично ја декласиравме Шкотска со 2:0, а еуфорично го поздравивме и резултатот од Рејкјавик. Украина одигра чесно, го победи со 4:2 нашиот директен конкурент Исланд и нѝ овозможи да го прославиме најголемиот фудбалски успех, пласманот на ЕП во Полска.

И порачавме „Полска доаѓаме", но не заборавивме и да се заблагодариме со „Спасиба Украина".

Младите играа за мерак, нè направија горди, нѝ покажаа дека Македонија може многу повеќе на сите полиња, а патем и испратија силна порака. Сплотени како браќа и Давид и Бесир и Кире и Енис и Ѓоко и Мевљан. И сите останати што настапија во националниот дрес, предводени од брилијантниот фудбалски стратег Милевски. Заеднички, со прекрасна атмосфера и дух, на најубав можен начин, во 10 епизоди нѝ го раскажаа рецептот на вистинските победници. На големите спортсмени, скромни момчиња и одлични фудбалери. 

Затоа со нетрпение ќе го очекуваме јуни и ЕП во Полска и пресметките со гигантите Шпанија, Португалија и Србија. Нови три Франции, еднакво силни и трофејни и скапи и со фаворитска улога. Но, овие млади момци од Македонија не бегаат од мегдан, не го спуштаат гардот пред никого и пак ќе јуришаат кон ново поглавје во нашата фудбалска историја. Со прекрасен вез ја испишаа првата светла страница, а со квалитетот, односот и скромноста ветуваат нови високи дострели. Од нив очекуваме само да играат фудбал за душа, да се забавуваат добро во Полска и ако може да ни приредат уште некоја прекрасна бајка. Оваа од 2016 година никогаш нема да им ја заборавиме, но тие велат одиме напред. Мотивирано и храбро кон нови успеси, на првата следна станица во Гдиња. Против четирикратниот европски првак Шпанија. Потоа и во Бидгочш со светскиот првак за играчи до 20 години Србија. И за крај на фазата по групи, пак во Гдиња против европскиот вицешампион Португалија. Се понатаму повторно изгледа како нестварен сон, а наградата е пат во завршницата, кон Тихи и кон Краков. Кон европските височини, во одбрано друштво од елитните 12 селекции на Стариот континент.


За жал, во сосема спротивен тренд во фудбалската 2016 година се движеше А селекцијата. Нанижавме дури 7 порази и забележавме само една победа, таа над Азербејџан во пријателски меч во Австрија. Резултатскиот часовник одамна нѝ застанал, победите опасно се проретчија, а позициите на ФИФА ранг-листата вртоглаво се движат надолу. Годината ја завршуваме на 162. место, најлошо во историјата на нашата репрезентација. Во друштво на Белизе, Малезија и Аруба. Резултатите ни се „труба", иако се тешевме дека игрите се добри. Против Италија покажавме заби, можевме да освоиме бод(ови) и против Албанија и Израел, а Шпанија нè декласира и сега сме на нула. Позитивна не е, се работи за 0 бодови во циклус натпревари за пласман на Светско првенство. За нас Русија е недостижна дестинација, како и сите претходни домаќини на големи натпреварувања, во шест циклуси за пласман на ЕП и исто толку квалификации за пат на СП.


На домашен план Вардар ја соши десеттата звездичка, сметајќи ја и југословенската титула од сезоната 1986/87 година. Но, и повторно испадна на стартот од филтер рундите за пласман во Лигата на шампионите. Домашниот блесок е премногу слаб за посериозен исчекор кон ЛШ, а Динамо Загреб експресно го урна сонот за прв пласман на македонска екипа во луксузното натпреварување. И тука приказната е стара. Игравме добро, а минавме лошо.
Шкендија го освои домашниот куп и беше на чекор од историјата, во битката за пласман во Европа Лигата. Сепак, Гент беше преголем залак во финалето од квалификациите. „Црвено-црните" од Тетово минаа три кола и ги елиминираа Краковија, Нефчи и Млада Болеслав. Испратија сигнал дека имаат сили за конечно симнување на „проклетството", но на крајот и буквално потонаа во плејфот. А, изгледаше толку блиску по трите успешни двомечи и толку далеку по вкупните 1:6 во двата дуели со Белгијците. Силекс како последен наш претставник имаше неуспешна авантура и на стартот ги загуби двата натпревари со Вадуз од Лихтенштајн.

Конечните 5:2 за екипата што игра во швајцарската Прва Лига, а ги брани боите на Лихтенштајн во европските купови, уште еднаш потврди дека сме далеку од подвиг и од прв пласман на македонска екипа во ЛШ, или ЛЕ.


За крај на 2016 и најава за 2017 година, како модел на успех, на вистинска фудбалска стратегија, на квалитет и беспрекорен тимски дух, звезда водилка ќе ни бидат младите спортски херои. Благоја Милевски и неговите избраници го покажаа вистинскиот пат кон фудбалските височини. Мудрите учат од успешните. Во таков мод, сите наши репрезентации, екипи, тренери и спортски работници, во иднина треба што побрзо да го совладаат и применат рецептот, напишан од најуспешната фудбалска класа во историјата на мак-фудбалот.

 

Најново во Фудбал