НИКОГАШ НЕМАМЕ РЕМИЗИРАНО СО ПОТРОФЕЈНА СЕЛЕКЦИЈА

Италија влезе во листата на Англија, Холандија, Данска, Белгија, Р. Ирска...

„Црвено-жолтите“ одиграа историски 1:1 против четирикратниот светски првак и тоа на негов терен

објавено: 6 октомври 2017 - 22:50

Македонија уште еднаш покажа дека е на вистински фудбалски колосек. „Црвено-жолтите“ ремизираа 1:1 на теренот на четирикратниот светски првак Италија. Ако се гледаат резултатите во досегашната фудбалска историја на нашата селекција, ова е вистински подвиг. 

Во изминативе речиси две и пол децении, Македонија одигра неколку средби за памтење, а оваа во Торино дефинитивно ќе се најде на таа листа. Македонија има реми 1:1 против Данска, која тогаш дојде во Скопје како европски првак. Потоа игравме 1:1 и на гости кај Белгија. 

За памтење е голот на Артим Шаќири во ремито 2:2 во Саутемптон против Англија, а со ист резултат заврши и дуелот во Скопје против Холандија. Со „лалињата“ имаме и 0:0 на нивни терен. Република Ирска ја имаме победено со 3:2.

Сите овие резултати се за памтење, но сепак ниту една од овие набројаниве нема историски резултати како Италија. „Аѕурите“ се четирикратни светски прваци, но не можеа да ја победат Македонија во Торино. Одлични 1:1, благодарение на одличната акција на Пандев и реализацијата на Трајковски. 

Најново во Фудбал