Само во домен на теорија, но цените се многу практични

Изгор цени за Арената - Тешко на Вардар ако приреди светска сензација, полуфинале во Европа Лига ќе го чини 53 илјади евра

Македонија има прекрасна спортска Арена, во Скопје на „Филип Втори“ се играше и Суперкупот на Европа, но цените за организирање фудбалски настани се превисоки. Скопје веројатно го има најскапиот стадион во Европа, а Вардар е првата жртва на неразумните цени

објавено: 15 септември 2017 - 13:15

Македонија има прекрасна спортска Арена, во Скопје на „Филип Втори" се играше и Суперкупот на Европа, но цените за организирање фудбалски настани се превисоки. Скопје веројатно го има најскапиот стадион во Европа, а Вардар е првата жртва на неразумните цени.

Стадионот го стопанисува Јавното претпријатие за Станбен и Деловен простор од интерес за Република Македонија, или многу попознато како поранешен ПУИГ.

И во новата верзија има одредено цени како да се работи за Алијанц арена, или за Камп Ноу и Сантијаго Бернабеу.

Раководството на Вардар веќе уплати 34.400 евра за првиот меч во фазата по групи во Европа Лигата, вчера против Зенит. И според ценовникот ќе плати уште најмалку двапати по 34.400 евра, бидејќи го очекуваат уште два меча дома, против Реал Сосиедад и Розенборг.

А, ако Вардар приреди светско чудо и евентуално стаса до полуфинале што е во доменот само на теорија, за мечот на домашен терен ќе плати неверојатна сума од 53 илјади евра.

Премногу за стадион што е прекрасен, но речиси воопшто не се одржува. Не се чисти редовно, нема интернет, и уште ред други работи што се во домен на претпријатието што го стопанисува објектот.

Најново во Фудбал