Вардар нема избор, утре мора да се прикаже во подобро светло

Јаневски и Фелипе во еден глас: На мака се познаваат јунаците

Вардар собира искуство во првиот сет натпревари во Европа Лигата, но секако на сите на кои „црвено-црната“ боја им е при срце ги пече лошиот впечаток во досегашните три дуели, гарнирани со три порази и гол-разлика од 1:14. Време за анализи нема многу, а утре на „Аноета“ Вардар го чека нов тежок испит, но и голем предизвик, Реал Сосиедад кој го декласира нашиот шампион со 6:0 пред две седмици во Скопје

објавено: 1 ноември 2017 - 18:50

Хуан Фелипе ќе има тешка задача за да се справи со ривалите од средниот ред на Реал Сосиедад, кои доминираа во Скопје и продуцираа многу шанси, а пред се ги резлизираше Хозе Вилијан.

„Ќе дадеме се од себе, трениравме напорно, а знаеме против кој ривал играме. Немаме многу избор и мора да најдеме концепт за опасниот ривал, каква што е екипата на Реал Сосиедад. Овде не се признава никаква криза, Европа бара секогаш да сте подготвени за игра“, вели Фелипе.

Тренерот Чедомир Јаневски веројатно сега е побогат за едно големо искуство по трите меча во Л групата во Европа Лигата, а сите на кои „црвено-црната“ боја им е при срце пак се надеваат дека Вардар конечно ќе се прикаже во поинакво светло, по трите порази со вкупна гол-разлика 1:14.

„Сакаме да се покажеме во поинакво светло од претставата што ја прикажавме на првиот меч. Со поинаков пристап ќе се обидеме да оствариме подобар резултат. Во мала криза сме, но ќе дадеме се од себе да го поправиме впечатокот. Ќе истрчаме на Аноета да покажеме дека имаме квалитет. Домаќините имаат добра организација, играат брзо со прецизни пасови, а имаат опасни крилни играчи. Ќе мора да најдеме чаре да им го стесниме просторот, да не им дозволиме брзо со куси и прецизни пасови да го освојуваат теренот. Во спротивно ќе имаме проблем. Ние го плаќаме данокот на неискуството, на исцрпувачкото темпо што го бараат мечевите во Европа Лигата. Ова е големо искуство за целиот клуб, кој треба да расте на сите полиња. Добро е што конечно играме во Европа, а веројатно и самите не сме задоволни од резултатите“, вели Чедомир Јаневски.

Најново во Фудбал